Почетна > Македонија > Кога си имаме бисери, задоволство е да создаваш уметност…

Кога си имаме бисери, задоволство е да создаваш уметност…

///
Comments are Off

Тие ќе го однесат нашето сонце и љубовта на другиот крај на светот преку ѓердан – песните, ората, звуците и ритамот, живописните народни носии и насмевките кои секогаш говорат се. Ќе докажат дека нашата музика поинаку ги грее срцата на сите што ќе ја слушнат, ќе покажат дека нашата топлина преку традиционалната музика поинаку милува и восхитува. Ќе се дадат себеси на останатите од светот кои “ќе ги прочитаат” зборовите преку изведбата, изразот на лицата, полетот и младоста затоа што тие допрва ги пружаат рацете кон височините, за да ги освојат. Тие се учениците од Насоката за традиционална музика и игра при ДМБУЦ “Илија Николовски – Луј”, секогаш свои, оргинални, посебни и бескрајно симпатични…

Оваа година останавме ускратени од нивниот годишен концерт, но својата енергија професорите и учениците од оваа насока ја усмерија во подготовките за индонезискиот фестивал “SIPA”. Истиот е од интернационален карактер со повеќе од 20 земји учесници од целиот свет и оваа година за жал ќе се одржи онлајн. Нашите ученици ќе се претстават со традиционален музички колаж од пределите Скопска Блатија и Скопска Црна Гора…машка песна “Ајде мала Стана”, орски изведби “Ситна лиса”, “Црногорка” и “Чучук” во придружба на традиционален оркестар од гајда, кавали, тамбури, тапан и зурлачиско – тапанџиски состав. Поддршка добија и од пријателите на Ансамблот “Орце Николов” од Скопје, кои безрезервно помогнаа со своите оригинални носии како и од младите ентузијасти, колекционери на носии и ученици Дамјан Ристовски, Антонио Стојчески ( студент на Катедрата за етнокореологија) и до неодамнешниот ученик Христијан Јаневски (аудио продукција Јаневски).

И се разбира, без нив Насоката за традиционална музика и игра не би била она што е денес…Благица Илиќ, Оливер Настовски, Гордана Тасева, Стојанче Костов, Роберт Ангеловски, Вера Милошевска Јосифова, Христијан Николовски, Тимко Чичаковски и Кристина Пецовска. Велат какви се родителите, такви ќе бидат и децата…секоја генерација го отсликува она што е вложено во неа, го зрачи она што е впиено со годините школување, го дава несебично она што го создава., исто како нив – “родителите”. Затоа во септемри на Интернационалниот фестивал “SIPA” нашите златни деца ќе зрачат посебно, исто како што се тие, нивната музика и игра, нивното срце и љубовта…а таа секогаш треба да се дарува!!!