Како изгледа кога разговараат зурлата и кларинетот надополнети со егзотичниот уд, бас и неизбежните ударни инструменти, можете да почувствувате кога ќе го слушнете новото “Еснаф оро” на Џељо Дестановски. Пријатно за слушање (впрочем како и останатите) ни доаѓа како освежување во деновите кога сме желни за повеќе музика. А инструменталната музика си има посебна убавина, се разбира за оние кои милуваат да ја слушаат и потполно да уживаат во неа…
И дружината добро позната на нашата јавност…освен Џељо Дестановски (зурла) тука се и пријателите Ферчо Мустафов (кларинет), Ален Рамчевски (уд и ритам гитара), Мите Стоилков (бас гитара) и Далибор Ефтимовски (тапани и тарабука). Посебниот шарм ни го дава и малиот Никола Ефтимовски на тарабука кој одлично се снајде во оваа негова улога, можеби наша идна музичка ѕвезда. Свое учество за целокупното аудио и визуелно уживање зедоа и Студио Благоја Ковачевски (микс и мастер) и “Арт студио” – продукција (видео). Како што напомена и самиот Џељо во најавата, музиката за ова оро е народна, но неговиот предизвик беше да се направи нов аранжман на истото за да се приближи до денешните “модерни вкусови”…
И додека го слушате новото “освежено” и разиграно “Еснаф оро”, бидете сигурни дека во мислите на Џељо веќе се нижат нови весели тонови… за некои други мелодии, со истите или други пријатели, за наше и ваше целосно расположение…
Ова и сите останати музички проекти на Џељо Дестановски, можете да ги следите и во нив да уживате на фреквенцијата на BalkanMusicTv…