Почетна > Македонија > Елена Андоновска со нов видео запис за “Мори деј Невено”…

Елена Андоновска со нов видео запис за “Мори деј Невено”…

///
Comments are Off

И кога шумолат лисјата во гората зелена, и кога ветрот се подигрува со карпестите планини, внимателно наслушнете го скриениот звук кој можеби шепоти некоја недоречена приказна…за дамнешните животни мигови, за великите гласови и песнопојци, за судбината проткаена низ нивните зборови. Ќе ги слушнете звуците на музиката кои зад себе ги оставиле нашите музички великани и кои денес сеуште одекнуваат од грлата на денешните заљубеници и срценосачи на македонската традиционална песна.

Убаво, меко, нежно и автентично како секогаш….нашата Елена Андоновска го промовираше новиот видео запис за песната “Мори деј Невено” од нејзиниот втор албум “Запеало славеј пиле”. Станува збор за малку подзаборавена песна од репертоарот на Вања Лазарова во чија чест Елена реши да ја обнови и повторно да заживее меѓу слушателите на македонската народна музика. За таа цел аранжманот го облагороди и разигра Дарко Илиевски, а звукот доби впечатлива нота од нејзиниот продукциски соработник Ангел Ќосев (студио Подрумот). Во делот на оркестарот освен Дарко на хармоника, свое учество земаа и Илија Филиповски (виолина), Марјан Андоновски (ударни инструменти), Филип Николовски (акустична гитара), Зоран Костадиновски (електрична гитара) и Горан Гешовски (бас гитара), а со своите придружни вокали Фросина Мариноска и Мартина Костова уште повеќе го збогатија и така веќе богатиот глас на Елена. Во делот на народните носии помогна професорот Владимир Јаневски, а во видео приказната се појавија Стефанија Маневска и Христина Ристеска кои одлично се снајдоа во својата улога на статисти. Видео записот го реализираше “Арт студио” – продукција во чии кадри се најдоа познатите предели на Куклице, Кратово и с. Страцин, родното место на незаборавната Вања Лазарова.

Слушнете, уживајте, раскажете, поделете радост, посакајте уште, воздигнете се, летајте на крилјата на песната…се она што предизвикува гласот на Елена Андоновска. И секогаш наслушнувајте што шепотат планините, ветрот, пределите околу нас, времето што ни доаѓа во пресрет….а шепотат толку многу.