Јонче Христовски ( 1931 год. Битола – 15 април 2000 год. Скопје) – истакнат македонски пејач, текстописец и композитор на песни во народен дух.
Првата асоцијација при спомнувањето на неговото име е “ЖАР”, нешто што беше карактеристично само за неговите изведби, како музички така и сценски. За нас помладите генерации тој беше исклучително привлечен за слушање и гледање затоа што и неговата енергија на сцена беше таква. И затоа со право во неговата биографија е запишано дека “создал сопствен интерпретативен стил, препознатлив и комуникативен со публиката. Меѓу народот ќе остане запаметен по неговите сценски настапи со фрлање на палтото на земја, бакнување на земјата и боемскиот мераклиски начин на живот отсликан во неговите изведби на песните”…
Во далечната 1964 година ја снимил својата прочуена и безвременска песна “Македонско девојче” која низ времето и годините беше и остана омилена меѓу публиката, изведувачите и препознатлива ширум светот. Не случајно истата е препеана во неколку верзии на англиски, германски, шпански, руски, италијански, српски , француски и дански јазик. Подоцна низ својата долга и богата музичка кариера, нашиот Јонче Христовски нареди уште бројни хитови кои изобилуваа со изворен македонски народен звук, со силен патриотски дух и љубов кон Македонија, со шегобијна тематика и секако оние инспирирани од љубовта и животот…”Свирете ми чалгии”, “Ако умрам ил загинам”, “Едно име имаме”, “Ој Вардаре Македонски”, “Куќа имам на Пелистер”, “Коце берберот”, “Да ме молат не се женам”, “Виното и песната”, “Мој роден крај” и уште многу други….секако и познатата, елегична, проткаена со љубов и тага “Животе мој” посветена на неговата трагично почината сопруга во скопскиот земјотрес 1963 година…
Голем е неговиот удел и во Ансамблот за народни песни и игри “Танец” каде членувал како пејач и како играорец. Таму ќе остане запаметен и по својата кореографска улога при што изработил и создал кореографии за неколку ора од кои најзначајно и далеку познатото “Калајџиско оро”. Потоа како одговорен за народната музика во ТВ Скопје во 1974 година бил иницијатор на серијата “Распеани градови”, емисии богати со многу музика, игри и приказ на архитектурата од сите поголеми градови низ Македонија…
По смртта на Јонче Христовски, во негова чест во 2002 година во Скопје е основан ансамбл за народни песни и игри кој го носи неговото име…име кое сеуште силно одекнува во нашето секојдневие кога и да се спомене…песни кои се пееле и ќе се пеат за навек…игри кои ќе се играат благодарејќи на сите наши културно уметнички друштва и ансамбли, нашите горди претставници насекаде низ светот…
“Ако умрам ил загинам,
немој да ме жалите.
Напијте се рујно вино,
скршете ги чашите”…