Есма Реџепова (8 август 1943 год. Скопје – 11 декември 2016 год. Скопје) – позната македонска пејачка и хуманитарка, во светски рамки позната како кралица на Ромската музика…
Кога таткото Ибраим Реџепов му ја доверил својата ќерка Есма на познатиот естраден уметник Стево Теодосиевски, никој не знаел какви чуда ќе следат потоа. Така за 13-годишното девојче со глас како на сребрено ѕвонче започна една голема мисија…да се слушне нејзината песна, да се слушне гласот на Ромите преку нејзината музика, да шири љубов и добрина, да покаже на сите како треба да се биде човек кон човека. Со помош на Стево и неговиот ансамбл таа ја освои најпрвин домашната публика, а потоа и светската. Но нејзиното срце остана цели 30 години освоено и дадено само на нејзиниот Стево, за кого и по неговата смрт говореше секогаш со многу љубов и топлина. Својата пак мајчинска љубов им ја подари на своите 47 посвоени деца од кои многумина се остварија и како музичари низ нивниот ансамбл “Теодосиевски”.
Во текот на својата долга и богата кариера таа сними повеќе од 580 песни и одржа околу 22 000 концерти, од кои третина во добротворни цели. Со тоа ја покажа својата голема несебичност да дава и да ги учи другите да даваат. Со иста енергија, насмевка и темперамент настапуваше и пред своите обожаватели, пред обичниот човек, пред големите лидери Тито, Сукарно, Гадафи. Таа во сите го гледаше само доброто, а за својата хуманост беше номинирана дури два пати за Нобеловата награда за мир.
Ако некој знаеше да привлече внимание, тоа беше таа. Со својот специфичен говор умееше искрено да раскажува за се низ што поминала, но никогаш со тага и каење. Со својот ангелски глас умееше да допре до срцата на сите и без да ги разберат зборовите. Со своето препознатливо танцување ја донесуваше ромската музика на начин да ја засакаш и слушаш постојано со симпатии. Таа е единствената личност која сиот свој имот и признанија и ги остави на својата Македонија, земја за која многумина слушнаа благодарејќи на нејзината песна…
Еееееееј, чекај животе
ти не брзај се, ми се живее…
Еееееееј, слушај животе
срце Есмино ќе ти запее…