Тие се добредојдени каде и да појдат…тие имаат пријатели на сите четири страни од светот…тие имаат армија обожаватели кои со полно срце ја слушаат и уживаат во нивната музика…тие се група “Молика”. Со живот “на тркала” и нескротлив ритам кој постојано те тера да им ја дариш радоста на луѓето преку музиката, тие стигнаа до секое место со “абер” пред се за македонската песна…онаа со посебна тежина во себе како на Васка, Петранка, Виолета или пак Виданка. Гласот на наша Анета никого не остава рамнодушен, ја поткрева кожата, ја разбранува душата и секаде, ама баш секаде ги остава сите со подотворена уста и мисла – “боже, зар песната има таква моќ”….И има, кога ќе ти ја подари оној кој се родил со таков “ксмет” кој ги отвора сите порти каде твоите верни обожаватели секогаш те чекаат со истата радост…
По двата карантински концерти на група “Молика” на фреквенцијата на BalkanMusicTv, не стивнуваат позитивните реакции на нашата публика која уживаше во нивните изведби. Во деновите на трпение, исчекување и не секогаш пријатни вести, музиката ни доаѓа како мелем за душа, посебно ако доаѓа од “мајсторите на својот занает”. А истите тие “мајстори” се потрудија да ја исполнат секоја музичка желба што беше испратена до нив, па така според тоа на кој што му лежи или пак тежи на срцето, слушнавме многу печалбарски, љубовни, старомакедонски или мераклиски песни, но и песни од целиот Балкан. Тука се испреплетоа желбите на сите гледачи не само од нашата земја, туку и од Балканот, Европа, Америка и далечна Австралија…затоа што песната најбргу стигнува до секое делче од светот…
И оваа сабота ве покануваме да поминете уште една весела, опуштена и фамилијарна вечер заедно со прекрасните гласови на Анета Мицевска и Јовица Наумчевски во придружба на веселата дружина – Џими Мицевски, Александар Талевски, Зисо Пуровски и Рубин Размоски…сите заедно мега познати како група “Молика”…како радост, како енергија, како стрела што секого ќе погоди. Дружба за која се раскажува!!!