Почетна > Ексклузивно > Александар Ицов со нов студиски видео запис…

Александар Ицов со нов студиски видео запис…

///
Comments are Off

Откако го распосла своето оро “Братски мерак” по убавите македонски предели, за кратко време Александар Ицов повторно се фати за работа и ново снимање. Станува збор за нова нумера посветена на неговата ќерка која едноставно и со многу љубов ќе си го добие името “Михаелина игра”. Како автор и овојпат се јавува познатиот Сашко Велков, а со своите магични звуци на кларинет орото ќе го исполни и неговиот долгогодишен пријател Гоце Јанкулов. Музичкото видео се снимаше во соработка со “Арт студио” – продукција и BalkanMusicTv каде со помош на специфични сценски ефекти и пријатна атмосфера, ова ново оро ќе може да се почувствува на еден поинаков начин. Кон крајот на месецот Александар планира една голема промоција на “Михаелина игра” со присуство на многу гости од естрадата.

Речено – сторено….тоа што Александар Ицов и го вети на својата публика, полека и постепено го остварува и на дело. Новонастанатата ситуација која траеше цела година, овој креативен инструменталист ја искористи за подготовки на својот прв солистички албум. Композициите кои малку по малку се собираат во најскоро време може да очекуваме да ни го донесат на виделина овој долгоочекуван музички проект на Александар. За тоа ќе бидат заслужни и колегите со кои успешно соработува како и неговото семејство кое му ја дава најголемата подршка и мотивација. Во таа чест освен за ќерката Михаела, тој орото “Николова единаесетка” му го посвети и на својот син Никола. Но оваа љубов кон децата и музиката не завршува тука….М-р Александар Ицов работи како наставник по музичко образование во ООУ “Крсте П. Мисирков” во Радовиш каде сето свое знаење и талентираност за повеќето инструменти кои успешно ги владее, ги пренесува на своите ученици.

Кога се сака тоа што се работи, кога се има трпение за резултатите кои треба да го наградат вложениот труд и кога ги имаш вистинските луѓе кои заедно чекорат со тебе низ животот, се е лесно и се се постигнува. Доказ за тоа е и нашиот Александар кој секој ден се поуспешно ги менаџира и владее сите свои професионални и музички активности.