Почетна > Македонија > Стефанија Гаштарска – кога сонот ќе стане јаве…

Стефанија Гаштарска – кога сонот ќе стане јаве…

///
Comments are Off

Низ морето сивило од дневни информации со кои секојдневно сме окупирани од сите страни, ете понекогаш ќе “не огрее” и некоја позитивна вест…за некое наше талентирано дете за кое додека читаш ќе ти се стопли срцето. И ќе си речеш…што убаво, браво, наше е, од Македонија. И ќе помислиш, зарем не треба да живееме опкружени со вакви вести, за нови и нови надарени деца кои освен талентот што господ им го дал, макотрпно учеле и работеле за да стигнат до врвот на нивните детски сништа. А, си имаме ние многу такви “ѕвездички” кои подоцна како “пилиња” си го напуштаат гнездото, затоа што таму некаде е поубаво за нив…

На младата Стефанија Гаштарска овие денови и завидуваат многу балерини од светот, затоа што успеа да се вработи во престижниот “Бољшој театар” во Москва, Русија. Љубовта кон балетот го наследила од својата мајка Марија Крстевска, исто така балерина, покрај која започнала да ги следи пробите во театарот и така постепено да се вљуби во него. Основно музичко училиште завршува во “Илија Николовски – Луј” во Скопје, потоа своето образование го продолжува во Русија…една година во градот Перм, а потоа три години била дел од Академијата “Бољшој”. Таа воедно е првата македонка која е примена да се школува во Русија и првата македонка, која благодарејќи на својот одличен успех и макотрпно вежбање, се вработи во “Бољшој театарот”…

Понесена од сето тоа што и се случува и со несредени до крај емоции, младата 18 – годишна Стефанија Гаштарска смело и самоуверено порачува…”мојот сон сеуште не е завршен, сакам да бидам прима балерина исто како мојот идол Светлана Захарова, но затоа ми следуваат денови на напорна работа, за да си ја остварам желбата до крај”. Со желби за многу успех, ќе чекаме нови уште повозхитувачки вести за нашата “ѕвездичка” која можеби еден ден ќе ги испишува новите страници на престижниот “Бољшој театар”… синонимот за совршенството во балетот…