Во најновата епизода од четвртата сезона на емисијата „На Здравје“, гледачите беа сведоци на вистински музички спектакл исполнет со македонски звук, емоции и позитивна енергија. Под домаќинство на групата Круна и харизматичниот Орде Неделковски, студиото се претвори во сцена каде што љубовта кон македонската песна се чувствуваше во секој тон и чекор.
Оваа епизода започна со Влатко Ѓоргиев и неговата виртуозна зурла, кои во соработка со групата Круна приредија вистинско фолклорно доживување со традиционално македонско оро. Забавата продолжи со емотивна изведба на песната „Птицо бела“, маестрално отпеана од Орде Неделковски – изведба која многумина ја оценија како подобра и од оригиналот.
Следеше раскошна музичка низа: Петар Нечовски ја запали атмосферата со „На Струга дуќан да имам“, каде целото студио се разигра во орото, а Дани Даниела ја донесе својата доза емоција со „Две срца“ и подоцна со „Лудо те сакам“.
Спасен Сиљановски блесна со две длабоко емотивни интерпретации – „Распукај срце ко Шар Планина“ и „Зар не ли ти е жал бре либе“, додека младиот Немања Денчиќ внесе свежина со „Ајде дали знаеш паметиш Милице“ и „Назифе“.
Од Прилеп ни пристигна гордата и убава Елена Јовческа, која публиката ја почести со безвременската „Џингрлака Џикица“, а Гордана Костоска ја продолжи традицијата со прекрасната „Давај ме мила мамо“.
Виртуоз Бенд го кренаа расположението со легендарната „Македонско девојче“, а Петар, Кристина и Слободан заедно со групата Круна го заокружија музичкиот мозаик со „Ој девојче“.
Како што започна – така и заврши. Со зурлите на Влатко Ѓоргиев и Џељо, кои со „Малешевското оро“ ја ставија музичката точка на уште една незаборавна епизода исполнета со љубов, традиција и македонски дух.
До следната седмица, следната епизода – нека ни е На здравје!
Текстот го подготви: ПР тимот на Балкан Мјузик ТВ