Почетна > Македонија > Замолкна гласот што нè учеше да слушаме музика – почина Драган Б. Костиќ

Замолкна гласот што нè учеше да слушаме музика – почина Драган Б. Костиќ

///
Comments are Off

Утрово, по кратко боледување, на 75-годишна возраст почина еден од највлијателните и најпрепознатливи гласови на македонското радио — радио-водителот и диџеј Драган Б. Костиќ. Веста ја потврдија членовите на неговото семејство.

Костиќ својата богата медиумска кариера ја започна во 1970-тите години во Македонското радио, време кога радиото беше главниот прозорец кон светот на новата музика. Со својот специфичен стил, енциклопедиско музичко знаење и автентична радиофоничност, тој брзо прерасна во култна фигура на македонскиот етер.

Најголема препознатливост стекна преку емисиите „Радио урнебес“, „Диско селектор“ и „Заборави ако можеш“, а неговиот авторски печат силно се чувствуваше и во проектите „Кавервил“, „Чартфајл“, „Б.“ и многу други. Преку нив, Костиќ не само што ја едуцираше публиката, туку и создаваше генерации слушатели со префинет музички вкус.

Во 2018 година, својот долгогодишен радиофонски израз го пренесе и на телевизиски екран со емисијата „Б со точка“ на Телевизија 24, која се емитуваше во две сезони, до 2019 година, задржувајќи ја истата аналитичка длабочина и страст кон музиката.

Својата 50-годишна кариера, во 2024 година, Костиќ ја одбележа со големиот музички настан „Последниот танц“, одржан во спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје — вечер исполнета со емоции, спомени и музика која го одбележа неговиот живот.

Со заминувањето на Драган Б. Костиќ, македонската медиумска сцена загуби глас кој не се повторува. Неговото наследство ќе продолжи да живее преку снимките, сеќавањата и музиката што несебично ја споделуваше со публиката повеќе од половина век.

Текстот го подготви: Иван Јосимовски

Може да ви се допаѓа и
Во пресрет на празниците: Домашна музика, топло расположение и добро друштво во новото издание на „На здравје“ (Видео)
Два часа македонска традиција, два часа македонска песна: Елена Андоновска со првиот солистички концерт ја воодушеви македонската публика во Македонската опера и балет (Видео+Фото)
Македонската традиција во полн сјај: И оваа недела „На Здравје“ продолжува да ја раскажува музичката приказна (Видео)
„Уникат Бенд“ со рекордна сезона: концерти, соработки и настапи од Македонија до Германија (Фото)