Етно групата „Синтезис“ овие денови ја претстави Македонија на културниот фестивал „Еден свет, едно семејство“, кој се одржува во Муденахали, во индиската држава Карнатака.
„Вечерва патуваме во срцето на Македонија. Реномираниот бенд „Синтезис“ настапи со инструменти како гајда, тамбура и тапан, спојувајќи ги безвременските традиции на македонскиот фолклор со современата уметност. Нивниот настап содржеше моќни ритми и вокали кои ги славеа идентитетот, единството и хармонијата, потсетувајќи нè на врските што го поврзуваат човештвото кога се обединуваме во добрина“, напишаа организаторите на фестивалот на својата официјална Фејсбук страница.
Фестивалот трае до 23 ноември и има за цел да обедини култури, традиции и уметници од различни делови на светот, под покровителство на хуманитарната мисија „Еден свет, едно семејство“.

За „Синтезис“ ова не е прво големо меѓународно претставување. Минатиот септември, групата одржа јубилеен концерт во Македонската филхармонија, со кој одбележа 30 години постоење. На сцената тогаш им се придружија Наум Петрески, кој заедно со нив ја отпеа „Ој девојче“, Влатко Стефановски, како и оперскиот пејач Борис Трајанов, кој ја изведе „Божја невеста“ – единствената авторска вокална песна на „Синтезис“.
Со настапите и дома и во странство, групата ја потврдува својата мисија – македонскиот фолклор да го доближи до современиот свет и да го претстави како културна вредност која обединува и инспирира.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски