Во свет каде што славата често трае кратко, приказната за Есма Реџепова останува вечна – не само поради музиката, туку и поради љубовта што ја остави зад себе. Во текот на својот живот, таа направи нешто што ретко кој може – одгледа 48 деца, од кои 47 момчиња и само едно девојче. Но, ова не беше обично семејство. Секое од тие деца доби занает, доби иднина, доби сцена. Музиката беше нивниот јазик, нивниот пат и нивниот спас.
Токму тоа едно девојче – Елеонора Мустафовска, кое Есма Реџепова го посвои во 2012 година – денес го носи пламенот понатаму.
По повод Меѓународниот ден на Ромите, Елеонора организира изложба во Шарлроа, градот каде што живее со своето семејство. Настанот не е само културен чин – тоа е емотивно патување низ животот на жената која светот ја познаваше како „Кралица на ромската музика“.
„Со гордост го славиме нејзиниот живот и наследство. Ова е приказна за уметност, за култура, но најмногу – за инспирација“, сподели Елеонора.

Изложбата го прикажува неверојатниот пат на Есма Реџепова – од скромните почетоци, преку светските сцени, па сè до нејзината хуманитарна мисија која засекогаш ја врежа во историјата. Заедно со својот сопруг Стево Теодосиевски, таа не создаде само музика – туку и дом за оние на кои им беше најпотребен.
Но, и покрај величественото наследство, реалноста во Македонија останува горчлива. Куќата на Кале, која таа ја остави како аманет да стане музеј, сè уште чека да ја добие својата вистинска улога. Наместо место на сеќавање, таа денес е симбол на заборав. Дополнително, правните спорови околу нејзиниот имот ја фрлија сенка врз приказната која заслужува само светлина. Авторските права ги наследи Симеон Атанасов, човекот кој беше покрај неа до последниот момент, но дел од поширокото семејство го оспори тестаментот.
И додека институциите молчат, уметноста зборува.
На 8-ми април, денот на ромската гордост, култура и единство, една изложба во Белгија потсетува дека вистинските легенди не умираат – тие се прераскажуваат, се пеат и се живеат.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски






