Почетна > Македонија > Сеќавање на доајенот на македонската народна музика – Петранка Костадинова (Видео)

Сеќавање на доајенот на македонската народна музика – Петранка Костадинова (Видео)

///
Comments are Off

Со глас што знаеше да боли и да милува во ист здив, Петранка Костадинова Дојчиновска останува врежана како едно од најзначајните имиња во македонската народна и новокомпонирана песна. Родена во 1948 година во Сомбор, во семејство на бегалци од Егејска Македонија, нејзиниот живот уште од најрана возраст бил обележан со движење, корени и потрага по припадност – исто како и песната што подоцна ќе ја пее.

Детството го минува во Демир Капија, младоста во Неготино, а судбината и песната ја носат во Скопје – градот каде што ќе го изгради својот живот, семејство и кариера. Тука Петранка ќе стане мајка на два сина, но и мајка на еден музички израз што ќе остави длабока трага во македонската културна меморија.

Нејзиниот глас беше препознатлив – топол, кроток, со болежлив пискот што се претвораше во нежно милување на ранетите души. Со таа ретка вокална искреност ги испеа некои од најубавите македонски рефрени: „Не кажувај либе добра ноќ“, „Кирјана“, „Слушни ја сестро песната“, песни што одамна го надминаа времето и станаа дел од колективното чувство.

Појавата на Петранка Костадинова беше повеќе од ново име на сцената – таа беше врзивната нишка меѓу автентичниот фолклор и новосоздадената песна. Таа беше меѓу првите интерпретатори што ги оживеаја авторските песни пишувани во духот на староградската традиција. Наско Џорлев токму преку неа ги доби своите први големи евергрини, а „Кирјана“ засекогаш остана песна што неразделно се врзува со нејзиното име.

Во својата повеќе од три децении долга кариера, Петранка настапуваше на речиси сите фестивали за новосоздадена песна во Македонија. Од „Фолк Фест Валандово“ до бројни други сцени, нејзините интерпретации на „Леонид со мајка вечера“, „Мајсторе, мајсторе“, „Две калинки“, „Мајка“, „Името не го даваме“, па и хумористичната „Една куќа, две жени“, останаа запаметени како пример за чиста и искрена народна емоција.

Иако поголемиот дел од животот го помина како слободен уметник, својата кариера ја заокружи како членка на Ансамблот за народни песни и игри „Танец“. Скромна, ненаметлива и длабоко приврзана за семејството, таа никогаш не се потпираше на сензација – само на талентот и песната.

Петранка Костадинова со право го носеше епитетот доајен на македонската народна музика. Нејзиниот репертоар беше богат, но уште побогато беше чувството што го оставаше кај публиката – чувство на припадност, корен и вистина.

На 3 февруари 2002 година, во приквечерината, македонската музичка сцена претрпе ненадоместлива загуба. Петранка трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа во центарот на Скопје, враќајќи се од МРТВ, каде што ја снимила песната за претстојниот „Гоце Фест“. Таа снимка ќе остане нејзината последна.

Иако замолкна прерано, нејзиниот глас и денес одекнува – по радијата, по сцените, но најмногу во срцата на оние што знаат дека вистинската народна песна никогаш не умира.

Текстот го подготви: Иван Јосимовски

Може да ви се допаѓа и
Музичкиот феномен Јаков Јозиновиќ го претставува новиот сингл „Ја волим“ (Фото+Видео)
Поранешниот менаџер на Чолиќ – Адис Гојак ја напушти вилата по експлозијата на Дедиње
Нови детали по експлозијата кај вилата на Чолиќ: Кој бил вистинската цел? (Фото)
Експлозија пред домот на Здравко Чолиќ во Белград – фрлена рачна бомба, нема повредени (Фото)