Италијанското одморалиште Сан Ремо од денес, 24 февруари, повторно живее во ритамот на музиката. Започнува 76. издание на Фестивалот на италијанската песна – Сан Ремо, кое ќе трае до сабота, 28 февруари, а вниманието на целата земја – и пошироко – е насочено кон легендарниот Театар Аристон.
Фестивалската сцена и оваа година е во сигурни раце. Водител и креативен директор по вторпат е Карло Конти, кому во сите пет фестивалски вечери ќе му се придружи италијанската поп-дива Лаура Паусини. Дуото најавува динамично, модерно и емотивно издание, верно на традицијата, но со јасен поглед кон иднината. Секоја вечер носи ново ѕвездено засилување. На сцената ќе се појават и Џан Јаман, Пилар Фољати, Акиле Лауро, комичарот Лило, супермоделката Ирина Шајк и новинарката Џорџа Кардиналети.
Фестивалот годинава добива и јасен меѓународен сјај. Меѓу специјалните гости се Тицијано Феро, Ерос Рамацоти, Алиша Кис и моделот Бјанка Балти, додека на големото финале, како круна на фестивалот, ќе настапи маестралниот Андреа Бочели. Посебен момент се очекува и на втората фестивалска вечер, кога на сцената ќе излезат олимписките шампионки Аријана Фонтана, Франческа Лолобриџида и Лиза Витоци, симболично поврзувајќи ги музиката и спортскиот триумф.
Во натпреварувачкиот дел, дури 30 изведувачи се борат за главната награда – и за правото да ја претставуваат Италија на Евровизија. Женската соло-листа брои осум имиња, машката дури 18, а програмата е збогатена со два еднократни дуети и еден постојан тандем. Единствената група оваа година е рок-панк составот Bambole di Pezza, што внесува дополнителна жанровска разновидност.
Сан Ремо и оваа година не е само фестивал – туку огледало на италијанската музичка сцена, место каде што традицијата и новиот звук се среќаваат, а победникот добива шанса да излезе на европската сцена. До сабота, Аристон ќе биде срцето на италијанската музика.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски






