Македонската фолклорна сцена повторно добива силен импулс – отворен е конкурсот за учество на „Лешочки Фолк Фест 2026“, настан кој со години ја негува и оживува традиционалната музичка душа на земјата. Новото издание на фестивалот ќе се одржи на 27 август 2026 година, во магичниот амбиент на манастирскиот комплекс во Лешок – место каде музиката, историјата и духовноста се спојуваат во едно незаборавно доживување.
Овој фестивал не е само сцена – тој е чувар на македонската традиција. И оваа година, организаторите ја продолжуваат мисијата да го заштитат и афирмираат фолклорното творештво, давајќи простор за нови композиции кои го носат духот на македонската мелоритмика.
Како што велат организаторите, можат да се пријават и да учествуваат сите домашни автори и изведувачи кои создаваат и изведуваат новокомпонирана музика инспирирана од македонскиот фолклор. Темите се отворени и шаренолики – од свадбарски и чалгаџиски ритми, до родољубиви и љубовни приказни.
А за да влезат во конкуренција, кандидатите треба да достават: Нотен запис со хармонски симболи, текст на песната и демо-снимка.
Со самото пријавување, авторите се согласуваат нивните песни да бидат дел од фестивалската продукција – од сценска изведба до снимање и објавување. Интересно е што стручната комисија го задржува правото за евентуални креативни интервенции, што дополнително гарантира квалитет и автентичност на финалниот производ. Краен рок за пријавување на конкурсот за учество на „Лешочки Фолк Фест 2026“ е 15-ти јуни 2026 година. А вашите пријави можете да ги испратите на следниот маил: leshochkifolkfest@gmail.com. Дополнителни информации и контакт можете да добиете на телефонските броеви: 070/262-355, 078/318-298 и 076/493-783. Доколку пак не пристигне доволен број квалитетни композиции, организаторите велат дека ќе посегнат по директни нарачки – јасен знак дека квалитетот останува приоритет.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски






