Сараево денеска тагува. Во 13 часот, во Клиничкиот центар на Универзитетот во Сараево (КЦУС), по кратка и тешка болест, почина Халид Бешлиќ – еден од најголемите музички великани на просторот на поранешна Југославија. Веста ја потврдија извори за Н1, а медиумите од Босна и Херцеговина веќе ја пренесуваат оваа тажна информација.
Бешлиќ, кој почина на 72-годишна возраст, зад себе остава богато музичко наследство и безвременски хитови кои со децении ја придружуваат радоста и тагата на генерации. Роден на 20 ноември 1953 година, Халид израсна во еден од најпознатите и најпочитуваните пејачи на народната музика во регионот.
Неговиот глас, препознатлив по искреноста и топлината, беше симбол на една ера. Песните како „Miljacka“, „Romanija“, „Prvi poljubac“ и многу други се дел од колективната меморија на народот, а неговите концерти со години беа места на обединување и споделена емоција.
Само пред неколку недели, поради здравствени проблеми, Бешлиќ беше приморан да го откаже концертот во Градачац закажан за 27 август. И покрај тоа, јавноста се надеваше на негово закрепнување и враќање на сцената. Судбината, сепак, беше поинаква.
„Халид Бешлиќ не беше само пејач – тој беше дел од нашите животи, нашите славја и нашите таги. Малкумина стануваат легенди за време на својот живот, а тој беше токму тоа“, пишуваат босанските медиуми.
Со неговото заминување, Босна и Херцеговина и целиот регион изгубија уметник кој ќе остане вечен преку своите песни.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски