Почетна > Македонија > „Охрид Фест 2025“ – Музика, дружење и нови хитови (Фото)

„Охрид Фест 2025“ – Музика, дружење и нови хитови (Фото)

///
Comments are Off

Охрид и оваа година на самиот крај од летото повторно блесна во својот препознатлив сјај. Со целата своја магија, убавини, но и мали несовршености, волшебниот град повторно беше домаќин на фестивалот кој ги спојува убавините на езерото, еуфоријата на летото и песните што остануваат да се пеат и кога ќе заврши сезоната. Охрид повторно беше домаќин на еден од најочекуваните фестивали на музиката – „Охрид Фест – Охридски трубадури“, кој по 32-ри пат ја отвори својата сцена за македонските и странските уметници.

Како што налага традицијата, фестивалот „Охрид Фест“ започна со Фолк вечерта, посветена на македонската фолк песна. На сцената на „Долни Сарај“ настапија добро познати имиња од естрадата, но и нови млади изведувачи кои храбро се претставија пред бројната публика. Еуфоријата беше голема, а секој настап понуди различна енергија – од автентични фолклорни мелодии до модерни аранжмани со кои фолк музиката се доближува до новите генерации.

Жирито и публиката ги избраа своите фаворити, а вечерта заврши во знак на песната и радоста на победниците. Најважно е дека фестивалот уште еднаш покажа дека фолк музиката има свое вистинско место на охридската сцена.

Во ревијалниот дел на првата фолк вечер на „Охрид Фест“ сцената блеснаа македонската фолк дива Сузана Спасовска и секогаш позитивниот и шармантен Благоја Грујевски. Со своите препознатливи хитови тие ја воодушевија публиката и на вечерта ѝ дадоа посебен сјај. Нивниот настап беше вистинска „јаготка на шлагот“, со што уште еднаш потврдија дека се меѓу најомилените имиња на македонската фолк сцена.

Наградите според гласовите на присутната публика на Фолк вечерта на „Охрид Фест – Охридски трубадури 2025“, беа распределени на следниот начин:

  • Прва награда: Мишко Крстевски – „Соња“;
  • Втора награда: Татијана Стефановска – „Како срце да израдувам“;
  • Трета награда: Благица Павловска и Жаклина Крстевска – „Потомка сум мома таткова“.

Наградите пак од стручното жири, беа распределени на следниот начин:

  • Прва награда: Ивана Серафимовска – „Се ми се познава“;
  • Втора награда: Горан Тодоровски – „Бела кошула“;
  • Трета награда: Кирил Белистојаноски – „Зошто Боже“.

Специјални награди кои исто така беа доделени на Фолк вечерта на „Охрид Фест – Охридски трубадури 2025“:

  • Најдобар дебитант: Софија Пуровска – „Бело злато“;
  • Најдобар текст: Ѓорѓи Калајџиев („Скршени весла“ – Драган Николовски – Даце);
  • Најдобар аранжман: Сашо Ливирнски („Бела кошула“);
  • Најдобра интерпретација: Драган Николовски – Даце;
  • Најтрубадурска песна: „Чаокун, дете најголем“ – група „Чардак“;
  • Награда од новинарите: Нино Величковски – „Душо моја Душице“;
  • Награда „Ацо Ангелески – Сенатор“: Јованка Јо – „Само ти“ и
  • Најслушана песна меѓу два фестивала: Петар Нечовски.

Како и секогаш, втората фестивалска вечер беше оставена за интернационалните гости. Новинарските екипи го искористија денот за прошетка низ Охрид, за по некоја фотографија и за задолжителното кафе со поглед на езерото. И токму кога сите очекуваа уште еден совршен ден, времето реши да покаже инает. Наместо сонце – дожд. Но организаторите не се поколебаа: фестивалот се одржа точно како што беше најавено. Интернационалната вечер донесе различни музички жанрови, нови лица и песни кои веќе мирисаат на хитови.

Наградите кои беа доделени на втората Интернационална вечер на „Охрид Фест – Охридски трубадури 2025“ се следните:

Награди од гласовите на присутната публика:

  • Прва награда: Ангело – „Јер ти миришеш на љубав“ (српски пејач со македонско потекло);
  • Втора награда: Ивона Јо – „Небо мое“;
  • Трета награда: Дорис Димовска и Наум Бумбароски – „Ден и ноќ заедно“.

Награди кои беа доделени од страна на стручното интернационално жири:

  • Прва награда: Дуо „Броз и Марама“ – „Сокаци тесни“;
  • Втора награда: Наталија Данаилова – „Бело утро“;
  • Трета награда: Саша Лазаревиќ – Кудра (Србија) – „Проџи мојом улицом“.

Награда од акредитираните новинари на „Охрид Фест – Охридски трубадури 2025“ на Интернационалната вечер ја доби Блаж Маротов за интересната песна „Борба на две суети“.

Ова издание на „Охрид Фест“ ќе остане запаметено по добрите песни, дождот кој не успеа да ја победи музиката и по многуте фотографии што ќе се разгледуваат со носталгија. Новинарите си го испија охридското кафе, музичарите си ги добија заслужените награди, а „Охрид Фест“ заокружи уште еден успешен фестивал, уште една успешна година.

А до следното 33-то издание на „Охрид Фест – Охридски трубадури“, слушајте македонска музика – и читајте го нашиот портал www.balkanmusic.tv.

Текстот го подготви: Иван Јосимовски

Може да ви се допаѓа и
Халид Бешлиќ под терапија на онколошка клиника – менаџерот: „Состојбата е стабилна“
Кога песната станува молитва: Незаборавна ноќ на „Лешочки Фолк Фест“ (Фото)
Златното грло на Македонија: Сузана Спасовска денес слави роденден (Фото)
Легато бенд со специјален музички проект посветен на големата македонска музичка легенда Гоце Арнаудов (Фото)