Почетна > Македонија > Од „По друм одам мајче“ до „Димче Могилче“ – емисијата „На Здравје“ повторно во полн сјај

Од „По друм одам мајче“ до „Димче Могилче“ – емисијата „На Здравје“ повторно во полн сјај

///
Comments are Off

Традиционално и оваа недела, во точно 20 часот, на добро познатата фреквенција на Балкан Мјузик Телевизија, започна уште една епизода од обожаваниот музички серијал „На Здравје“. Како и секогаш, домаќините Орде Неделковски и група Круна приредија вечер за паметење, исполнета со богата македонска музичка ризница, веселба, игра и автентична атмосфера.

Вечерта започна со насмеаната и секогаш позитивна Стојне Николова, која ја отпеа незаборавната македонска песна „По друм одам мајче“, со што уште на самиот почеток го крена расположението во студиото. По неа, на сцената заживеа и емоцијата на Игор Андреевски, кој во придружба на група Круна, ја изведе традиционалната „Анѓа од Галичник“.

Публиката беше воодушевена и од настапот на Саид Идоли, кој ја отпеа „Еве ме пак“, пренесувајќи силна емоција преку својот карактеристичен вокал. Специјален момент во епизодата беше и дебитантскиот настап на Петар Наумов, кој за прв пат ја претстави својата студиска љубовна балада „Да си тука“, песна која најавува нова баладска ѕвезда на нашата сцена.

Потоа следеше динамичниот Бобан Мојсовски, кој ја исполни песната „Ме излажаа“, а по него сцената ја презеде Ивана Наумова, која моќно ја интерпретираше емотивната „Мораш душо да ме разбереш“ – песна која ретко кого остава рамнодушен.

Младата Ивана Серафимовска на оригинален начин ѝ даде нова свежина на песната „Добро утро Македонија“, благодарение на одличниот аранжман и поддршка од група Круна. Атмосферата се зголемуваше со секој изведувач – Пантелија Тодоровска ја отпеа енергичната „Абре чичо“, додека повторно Стојне Николова со „Најлична невеста“ внесе разиграна и весела нота во вечерта.

Сцената потоа доби поинтимен момент со Ален Хасановиќ, кој ја изведе баладата „Једина нада“, носејќи длабока емоција и мирна атмосфера, која пак веднаш беше разбиена од енергичната Виолета Пандовска, која ја испеа вечната „Слико моја убавино“.

За крај, со ударен настап се претстави Фантази Бенд, со изведбата на патриотската „Нема друга Македонија“, а финалето му припадна токму на група Круна, кои со својата верзија на „Димче Могилче“, ја заокружија музичката магија.

И како што традицијата налага – ништо не завршува без македонско оро. Последниот ритам од вечерта беше токму во знакот на ората, кои го раздвижија целото студио и ја испратија емисијата во голем стил.

Следната епизода повторно ќе се емитува за седум дена со почеток во 20 часот на добро познатата фрекфенција- Балкан Мјузик Телевизија. До тогаш – чувајте се, бидете живи и здрави, и нека е на здравје!

Може да ви се допаѓа и
„Фолк Фест Владимирово“: Македонската песна добива нов дом! (Фото)
„Љубовта расцуте во Валандово“ – заврши 38. Фолк Фест Валандово со полни срца и песни за паметење (Фото)
Весело, разиграно со многу емоции – вака изгледаше најновата епизода на „На Здравје“
Три дена македонска музичка убавина: Валандово вечерва го отвора Фестивалот на љубовта и традицијата – „Фолк Фест Валандово“ (Фото)