Балканската музичка икона Здравко Чолиќ повторно знае каде да удри – директно во срце. Со новиот сингл „Не дај да остарим сам“, Чола не нуди само песна, туку искрена исповед за љубовта, времето и оној тивок страв што сите го носиме – да не останеме сами кога ќе се изгаснат светлата.
Зад музиката и текстот стои талентираната Маја Сар, со која Чолиќ веќе има проверена хемија. Ова е нивна трета соработка, по емотивните „Зар се нисмо схватили“ и „Прије него те изгубим“ – и ако тие песни беа најава, оваа е кулминација.
„Не дај да остарим сам“ звучи како разговор што сите сме го воделе барем еднаш – со некого или сами со себе. Мелодијата нежно те води, а текстот остава простор да се пронајдеш меѓу редови. Нема претерување, нема драма за ефект – само чиста, зрела емоција.
Визуелната приказна не заостанува зад музиката. Спотот, режиран од Горан Ковачиќ, е снимен во романтичната Венеција – град што совршено ја следи атмосферата на песната. Канали, тивки улици и таа позната меланхолија што Венеција ја носи – идеална сцена за една ваква љубовна приказна.
И додека публиката уште ја „вари“ новата песна, Чолиќ не забавува. Напротив – следува вистинска концертна офанзива. Во март и април ќе одржи пет распродадени концерти со симфониски оркестар во Зетра во Сараево, што ветува спектакл од звук и емоции. А за хрватската публика – средба е закажана на 20 јуни во Славонски Брод.
Ако нешто е сигурно, тоа е дека Чолиќ и понатаму знае како да остане релевантен – не со трендови, туку со искреност. А „Не дај да остарим сам“ е токму тоа: песна што не се труди да биде хит… ама баш затоа станува.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски






