На 30 јануари 2026 година, во срцето на Пиринска Македонија – Горна Џумаја (Благоевград), се одржа „Македонска вечер“ како дел од манифестацијата „Вечери на Балканите“. Настанот имаше за цел да ја претстави македонската култура, песна и традиција пред пошироката јавност и да ја зацврсти културната соработка во регионот.
Организатори на настанот беа Балкан Њуз и Балкан Мјузик, со поддршка на Македонската амбасада и Македонскиот културно-информативен центар во Софија. Во програмата настапија еминентни македонски уметници и гости, кои приредија вечер исполнета со автентичен македонски дух.

„Македонската вечер“ претставуваше уште еден чекор кон унапредување на културниот дијалог и заемното почитување меѓу народите на Балканот – гордо и достоинствено, за Македонија.


На целиот настан посебна тежина и емоција ѝ даде музичката програма, збогатена со настапот на реномираните македонски изведувачи и вистински амбасадори на македонската народна песна – Сузана Спасовска и Благоја Грујовски. Со својот препознатлив стил, силна емоција и уметничка автентичност, тие изведоа дел од своите авторски песни, како и безвременски македонски народни мелодии, внесувајќи атмосфера исполнета со носталгија, гордост и длабока љубов кон Македонија.


Дополнително, свој настап имаше и Нела Манчевска – македонската претставничка на Детската евровизија која ги забавуваше присутните со својата евровизиска песна. Во текот на вечерта настап имаше и Вокално-инструменталниот состав „Аманет“, кои покрај својот репертоар ги придружуваа и Сузана Спасовска и Благоја Грујевски. Интересно и впечатливо беше тоа што на крајот од самата вечер гостите без двоумење заиграа оро на одлично отпеаните македонски народни песни од страна на Сузана Спасовска и Благоја Грујовски кој пак во оваа прилика ги отпеаа добро познатите и препознатливи „Македонско девојче“ и „Земјо Македонска“.

Особено внимание привлече настапот на Фолклорната група при НУЦК „Н. Ј. Вапцаров“ од Делчево, чии играорци со голема енергија, прецизност и емоција го пренесоа духот на македонскиот и делчевскиот фолклор. Публиката им возврати со искрени аплаузи, препознавајќи ја автентичноста и љубовта со која беше изведена секоја кореографија.
На самиот почеток, присутните гости беа пречекани и послужени со македонски специјалитети, закуски, карактеристични македонски јадења и предјадења, макала, главно јадење и десерт – со мирис, вкус и шмек на Македонија. Да не заборавиме да споменеме дека настанот беше заокружен со богата лотарија каде многу од присутните гости имаа чест и привилегија да добијат награди од македонски производители, викенди во Македонија и слично.

Водител на настанот „Вечери на Балканот – Македонија“ беше актерот Игор Дамјанов од Виница, кој повеќе од 20 години живее и работи во Благоевград.

Покрај уметничкиот дел, културната иницијатива „Вечери на Балканот – Македонија“ имаше и силна развојна и економска димензија. Во рамките на официјалните разговори беа отворени бројни теми од заемен интерес помеѓу Општина Делчево и Општина Благоевград, меѓу кои:
- инвестиции во недвижнини,
- развој на туристичка инфраструктура и сместувачки капацитети,
- формирање откупно-дистрибутивни центри,
- логистички операции за брза и интензивна трговија,
- производство и преработка на храна,
- лесна и незагадувачка индустрија,
- преработка на земјоделски производи,
- спорт, животна средина и меѓуопштинска соработка.
Дополнително, на настанот голем број македонски компании ги претставија своите производи и брендови (македонската традиционална вкусна храна, македонските вина, ракија, македонските ракотворби и традиционални носии карактеристични и препознатливи за градовите низ Македонија и помалите места) што даде уште една практична вредност на оваа иницијатива и отвори простор за нови деловни контакти и можности.

Со силна порака за културно поврзување и меѓусебно разбирање, македонската вечер во рамки на иницијативата „Вечери на Балканот“ остави длабок впечаток кај присутните. Настанот покажа дека културата, музиката и традицијата се најмоќниот мост меѓу народите, отворајќи ново поглавје во регионалната соработка и дијалог.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски






