Почетна > Арт Студио Продукција > Лени Партикова снимаше видеоспот за „Горда сум Македонка“ – химна за верата, традицијата и македонската гордост (Фото)

Лени Партикова снимаше видеоспот за „Горда сум Македонка“ – химна за верата, традицијата и македонската гордост (Фото)

///
Comments are Off

Македонската пејачка Лени Партикова повторно го освојува срцето на публиката со својата најнова песна „Горда сум Македонка“, која ќе биде и насловна нумера на нејзиниот шести студиски албум со исто име. Албумот, кој содржи 15 песни, е вистинска прослава на македонската душа, култура и вера.

„Земја библиска, народ древен, писмо свето Климентово и јазик милозвучен“ – со овие зборови започнува приказната за една жена која гордо ја носи својата припадност и љубов кон татковината. Песната е создадена со голема емоција и посветеност, а музиката и аранжманот ги потпишува студио „Анастасија“ на Љупчо Павловски, додека текстот е на самата Лени Партикова.

Во песната учествуваат и врвни музичари, меѓу кои Џељо Дестановски кој со звуците на зурлата ѝ дава посебна душа и македонски печат. Нумерата беше премиерно изведена на „Лешочкиот фолк фест 2025“, каде сцената ја збогатија Играорците од КУД „Шара“, Бобан Илијевски (зурла), Перица Симоновски и Жарко Ѓорѓески (тапани) – сопругот на Лени и нејзин долгогодишен соработник.

Видео записот за „Горда сум Македонка“, во продукција на Арт продукција – Дејан Ѓеорѓиев, е вистински визуелен бисер. Снимен е на автентични локации во село Стенче, во подножјето на планината Сува Гора, регионот кој ја дели Полошката котлина на Горен и Долен Полог.

Првите сцени се снимени во црквата „Св. Пророк Илија“, трикорабна базилика изградена во 1867 година и живописана од Дичо Зограф и неговиот син Аврам Дичев. Лени открива дека таму, пред да започне песната, чита текст посветен на македонката – посвета што ја напишал нејзиниот сопруг Жарко Ѓорѓески, кој имал клучна улога и во режијата и изборот на локациите.

Следуваат кадри во црквата „Св. Великомаченица Екатерина“, осветена во 2022 година, изградена во стар македонски византиски стил. Дел од видеото е посветен и на изворот на реката Вардар, како симбол на животот и континуитетот на македонската историја.

Голема благодарност Лени им упатува на Војо Михајловски, кој го отворил својот прекрасен дом во Стенче – куќа музеј во стар македонски стил со чардак – и на фамилијата Гроздановски, која ѝ подготвила оригинална носија од Горни Полог.

„Секој детал, секој орнамент, секој камен во тоа село зборува за нашата историја. Сакав да покажам дека македонската убавина не е само во песната, туку во сè што нè опкружува“, вели Лени за Балкан Мјузик.

Во создавањето на видео записот учествуваа Снеже Ефковска, Нада Симовска, Динка Наумоска, Иванка Ѓорѓеска (фризура), Даниел Несторовски (тапан), Џељо Дестановски (зурла) и играорците од КУД „Шара“. Лени искрено им се заблагодарува на своите родители и сопругот Жарко Ѓорѓески за поддршката, љубовта и инспирацијата.

„Горда сум Македонка“ е само најава за тоа што допрва доаѓа. Лени најавува уште три нови песни со нејзин текст, како и нови видео записи, концерти и изненадувања што ќе ја продолжат оваа патриотска приказна.

„Македонија е мојата вечна инспирација. Сè што сум – сум поради неа“, завршува Лени со насмевка и гордост.

Текстот го подготви: Иван Јосимовски

Може да ви се допаѓа и
Чест и признание за Македонија: Џељо Дестановски специјален гостин на јубилејниот фестивал „ZurlaZen“ во Турција (Фото)
Со громогласни аплаузи заврши јубилејното 40. издание на „Макфест“ во Штип
Македонскиот професор меѓу најдобрите во светот: Јове Кекеновски – фаворит за златото на Светскиот трофеј 2025 на хармоника во Франција (Фото)
Елена Андоновска – македонската етно-фолк ѕвезда со голем солистички концерт на 15-ти декември во МОБ (Фото)