На 19-ти август, со почеток во 20 часот, на најгледаната македонска музичка телевизија Балкан Мјузик беше емитувана специјална емисија – музички проект на Легато бенд, посветен на големата македонска музичка легенда Гоце Арнаудов, по повод неговото раѓање на овој датум во 1954 година.
Проектот претставуваше музичка почит и потсетник на огромното дело што Гоце го остави зад себе. Како што велат од бендот, мотивацијата и инспирацијата произлегле од секојдневните настапи, бидејќи ниедна веселба не поминувала без негова песна, а ниту еден локал без неговите ноти.
„Предизвикот беше огромен. Никој никогаш нема да може да ги испее неговите песни како што тој можеше. Но желбата да ги обновиме и освежиме беше уште поголема. Се потрудивме барем приближно да ја доловиме неговата емоција и интерпретација, а на публиката останува да пресуди дали сме успеале“, велат од Легато.

Аудио продукцијата е реализирана во студиото на Ангел Ќосев – „Подрумот“, каде секогаш, како што истакнуваат, се е под конец. Посебна благодарност упатуваат и до Арт Студио продукција и Балкан Мјузик телевизија кои што го реализираа проектот, и со кои бендот веќе подолго време има успешни соработки.
Кога станува збор за Гоце Арнаудов, репертоарот е огромен, а изборот тежок. Секоја негова песна има своја тежина и допира на посебен начин. Затоа, Легато Бенд избра дел од омилените композиции за нив и за нивната публика, но доколку проектот добие позитивен одѕив, ќе следува и продолжение.

„Сепак ова е за публиката. Ако тие го почувствуваат истото што и ние, ќе направиме нов дел. Веќе подготвуваме и следен проект со еден познат македонски бенд, а наскоро и нова авторска песна“, откриваат од Легато Бенд.
Посебно внимание привлече изборот на песната „Хотелска соба“, која можеби не е доволно позната за пошироката македонска јавност, но е вистински хит меѓу струмичани. Текстот е на Огнен Неделковски, а музиката ја создаде Оскар Арнаудов, синот на Гоце.
„Баш тоа беше причината таа да биде прва песна во нашиот сплет – да ја откриеме повторно на публиката,“ додаваат тие.

Легато Бенд изрази голема благодарност и кон фамилијата на Гоце Арнаудов за нивната поддршка и позитивност уште од првите контакти.
Со овој проект, Струмица и цела Македонија уште еднаш се потсетија на бесмртниот Гоце Арнаудов – еден од најголемите корени на квалитетната и уникатна македонска музика.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски