Проф. д-р Јове Кекеновски, универзитетски професор и виртуоз на хармоника од Република Македонија, повторно го сврте вниманието на светската музичка јавност со својот извонреден настап на Светскиот трофеј на хармоника – Trophée Mondial CMA 2025.
Ова престижно натпреварување, под покровителство на Светската конфедерација на акордеонисти (Confédération Mondiale de l’Accordéon – CMA), годинава се одржа по вторпат во три фази, со учество на повеќе од 60 национални делегации од сите континенти.
Во силна конкуренција на врвни хармоникаши, проф. д-р Кекеновски го освои првото место во категоријата 13Б (60–80 години) на ONLINE изданието на натпреварот, одржано на 8 октомври 2025 година. Со оваа победа, тој се пласира во големото офлајн финале (OFFLINE INTERNATIONAL OPEN TROPHY) што ќе се одржи од 25 ноември до 1 декември 2025 година во Монтарже (во близина на Париз), Франција.
Онлајн натпреварот годинава собра над 500 индивидуални кандидати, 120 членови на жири и повеќе од 110.000 прегледи на CMA Live емисиите емитувани на Facebook и YouTube од 1 до 22 октомври. Со ова, Светскиот трофеј уште еднаш потврди дека претставува највисок меѓународен музички стандард во полето на хармониката.
„Со оглед на резултатите и одзивот на онлајн натпреварот, очекувам повторна победа – овојпат како севкупен победник во програмот ‘Вариете’. На 28 ноември ќе настапам во живо во Монтарже, и верувам дека мојата техника и репертоар повторно ќе остават силен впечаток“, изјави проф. д-р Кекеновски.

Особено внимание привлекува фактот што Кекеновски, кој по професија е универзитетски професор по политички науки, се врати на сцената по паузa од цели 27 години, демонстрирајќи извонредна техника, музикалност и страст. Жирито и публиката се воодушевени од неговата способност да ја оживее хармониката со стил, енергија и емоција каква што ретко се гледа дури и кај професионалци со децениска кариера.
Со својот настап, проф. Кекеновски не само што ја претставува Македонија на едно од највисоките музички нивоа во светот, туку и докажува дека љубовта кон уметноста не познава години, граници или професии. Светскиот трофеј 2025 година, кој оваа година ја слави 74-тата годишнина од основањето на CMA, претставува уште еден доказ дека хармониката останува глобален симбол на музичка традиција, страст и мајсторство.
Во Монтарже (Франција), од 25 ноември до 1 декември 2025 година: Македонија ќе го има свој најдобар фаворит.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски






