Фронтменот на Story Band – познатиот Jack Daniel повторно е во полн работен ритам. Познат по својата енергија, харизма и серија новокомпонирани хитови, тој продолжува да остава свој белег на македонската музичка сцена, а новата песна со наслов „Во Скопје“ веќе се подготвува за премиера.
Спотот за новата композиција се снимаше на повеќе локации низ главниот град – во студиото на Балкан Мјузик телевизија, на скопските булевари, како и во катната гаража во центарот на градот. Видео продукцијата е реализирана од тимот на најдобрите – Арт Студио продукција, под водство на одличниот и секогаш професионален Дејан Ѓеоргиев.
Во снимањето учествуваа и дел од неговите долгогодишни соработници – инструменталисти од Story Band, како и музичари од други македонски бендови.

Jack Daniel е познат како голем џентлмен и шармер на сцената – прекар кој го добил токму од публиката. И женската и машката публика му даваат силна поддршка, нешто што тој особено го цени.
„Нема ништо поубаво од тоа да те сакаат и почитуваат двете страни. Навистина ги почитувам дамите и правам сè за да се чувствуваат убаво на моите настапи. Особено ја почитувам машката публика, бидејќи да те почитува машко е голема предност во денешница. Тоа значи дека сум во одличен правец со кариерата и дека не треба да застанувам, иако разочарувањата се дел од животот. А има и такви кои не ме познаваат, ниту дошле на настап, но – за вкус не се разговара“, вели Jack Daniel за Балкан Мјузик.
За да биде спотот уште побогат и повизуелен, пејачот организирал јавен кастинг на социјалните мрежи, кој предизвикал огромен интерес. За само три часа се пријавиле повеќе од 50 девојки, а изборот на крај паднал на добро познато лице од модната сцена.
„Таа блеска од убавина и позитивност. Навистина се погрижи нашите кадри да изгледаат уште попрофесионално. Огромен професионалец е, ја познавам повеќе од 10 години и ми е мило што е дел од оваа приказна. Станува збор за атрактивната убавица и долгогодишен топ модел, победник на многу домашни и меѓународни избори за убавина – госпоѓица Мис Ангела Василевска“, открива Jack Daniel за Балкан Мјузик.

Новата песна „Во Скопје“ носи динамичен и разигран фанк стил, кој, според Jack Daniel, совршено се вклопува во неговиот карактер и сценска енергија.
„Темата е повеќе во мој фазон – наменски ритам за моите журки и приватни забави по кои сум препознатлив. Сигурен сум дека и на останатите ќе им се допадне, бидејќи е во разигран фанк стил. Едноставно ми лежи ваквата енергија – весел сум тип, но и голем емотивец. Затоа имам и неколку балади како „Лажна љубов“, „Те сакам“ и „Лажна вистина“. Кај мене средина нема“, додава тој.
Со оглед на енергијата што ја носи новата песна, Jack Daniel најавува дека публиката наскоро може да очекува вистински музички бум на телевизиите и социјалните платформи, вклучително и YouTube.
Дали „Во Скопје“ ќе стане нов хит на македонската сцена – останува да видиме, но едно е сигурно: публиката веќе со нетрпение ја очекува премиерата.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски






