Во време кога светот станува сè помал благодарение на музиката, се раѓа една несекојдневна, но длабоко значајна соработка која го надминува просторот и времето. Од една страна – македонската група „Круна“, долгогодишни негуватели на македонската народна песна, и од друга страна – „Вардаранди“, уникатен ансамбл од далечна Колумбија, чии членови со години се вљубени во македонскиот фолклор и културно наследство.
Овие две групи, ги здружија своите страсти и музички визии во заеднички проект чија цел е повторно оживување на старите македонски изворни песни – но со нов пристап, нов звук и нова интерпретација.
Соработката започна спонтано, преку заедничката љубов кон македонската традиционална музика. Групата „Круна“, добро позната по својот автентичен пристап и автентични изведби, веќе со години го чува духот на народната песна во живо. Од друга страна, „Вардаранди“, составен од музичари од Колумбија и Јужна Америка, веќе подолго време експериментира со балкански и македонски ритми, создавајќи необичен фузион помеѓу два света.

Новата заедничка иницијатива има за цел да создаде современи аранжмани на добро познатите македонски изворни песни, задржувајќи ја нивната суштина и емоционална сила, но истовремено отворајќи простор за ново звучење – со елементи од латинска, етно, и светска музика. Првите снимки веќе се во изработка, а наскоро јавноста може да очекува целосна серија на нови видеа, спотови и живи настапи.
„Ова не е само музичка соработка, туку културен дијалог. Преку песните ќе покажеме дека македонската душа е универзална и допира луѓе насекаде во светот“, велат од „Круна“.
„Македонската музика ни зборува дури и кога не го разбираме јазикот – таа зборува преку срцето. За нас, ова е чест и одговорност“, додаваат од „Вардаранди“.
Со овој проект, двете групи не само што ќе ги доближат двата континенти, туку ќе потсетат дека корените, колку и да се локални, имаат глобално значење кога се искрено пренесени. Публиката со нетрпение го очекува првото заедничко издание, кое ветува да биде празник за сите љубители на македонската песна, но и вистинско откритие за нови генерации слушатели ширум светот.
Текстот го подготви: ПР тимот на Балкан Мјузик ТВ