Почетна > Македонија > „Дрим тим и пријателите“ – нов јубилеен музички проект во чест на 25 години музичка приказна

„Дрим тим и пријателите“ – нов јубилеен музички проект во чест на 25 години музичка приказна

///
Comments are Off

По четврт век постоење на македонската музичка сцена, момците од групата „Дрим тим“ со голема промоција го претставија својот нов проект „Дрим тим и пријателите“, кој во себе ја носи суштината на нивното 25-годишно музичко патување.

Настанот се одржа во присуство на бројни колеги, соработници, медиуми и пријатели, а атмосферата беше исполнета со емоции, сеќавања и гордост за сите заеднички изминати години.

Иако првично промоцијата била закажана порано, поради трагедијата во Кочани истата беше одложена. Во знак на почит кон починатите колеги и жртви, вечерта започна со едноминутен аплауз, симбол на солидарност и човечка блискост која ја негува групата низ целата своја кариера.

„Овој проект ни значи многу повеќе од само музика. Тој е дел од нашето срце и претставува заокружување на еден долг пат — 25 години музика, сцени, пријателства и љубов“, истакнаа членовите на „Дрим тим“.

Проектот „Дрим тим и пријателите“ е збогатен со соработки со некои од најголемите имиња на македонската естрада, меѓу кои се: Наум Петрески, Зуица Лазова, Ленче и Горан Кукуќ, Дац и Александар, Дани, Полина, Сузана Гавазова, Миле Кузмановски и Ѓоко Таневски. Секој од нив внел дел од својата препознатлива енергија, емоција и стил, создавајќи музичко издание полно со македонски дух и топлина.

„Им благодариме на сите кои беа дел од ова 25-годишно патување – на колегите, пријателите, публиката и медиумите. Вашата поддршка ни дава сила да продолжиме да создаваме музика што ја сакаме“, порачаа членовите на групата.

Проектот претставува речиси двочасовно музичко патување, во кое се испреплетуваат големите домашни фолк и поп хитови, изведени со нов аранжман и свежа продукција, но со задржан препознатлив македонски звук.

Со овој проект, „Дрим тим“ не само што го одбележуваат својот јубилеј, туку и го потсетуваат народот дека вистинската македонска песна живее преку искрената емоција и заедништво.

Текстот го подготви: Иван Јосимовски

Може да ви се допаѓа и
Македонската традиција во полн сјај: И оваа недела „На Здравје“ продолжува да ја раскажува музичката приказна (Видео)
„Уникат Бенд“ со рекордна сезона: концерти, соработки и настапи од Македонија до Германија (Фото)
Нов промотивен бум на Христина Илиоска: Mashup од 9 песни, топ продукција и новогодишна турнеја во САД (Фото)
„Бендот на Браќа Нуне“ со нов музички проект: 40 минути македонски свадбени хитови во модерен аранжман (Фото)