Една од најмоќните вокали на македонската и балканската сцена повторно нè изненадува со нова песна, која наскоро ќе биде промовирана и со видеоспот снимен на ексклузивна локација на бреговите на Егејското Море, во живописната Кавала, Грција. Со својот моќен глас, емоционален израз и препознатлива харизма, Анета Љумаковска уште еднаш покажува зошто е миленичка на публиката.
И покрај тоа што снимањето траело два дена исполнети со високи температури, замор и постојани патувања, тимот на пејачката ја завршил својата задача со насмевка и позитивна енергија. Упорната и секогаш професионална Анета за Балкан Мјузик откри детали од снимањето, потенцирајќи дека и покрај физичките напори, резултатот е токму она што го посакувале.

„Два дена поминати на сонце, со топлина, замор, неспиење, патување од една дестинација до друга, но, сепак, останавме позитивни, насмеани и расположени во исчекување на крајниот резултат од тоа што го имаме замислено. Нашата мисија ја завршивме успешно“, изјави Љумаковска.
Песната носи личен и емотивен печат – текстот го потпишува талентираната Анита Даева, додека за музиката и продукцијата се погрижи врвниот македонски композитор и пејач Бобан Мојсовски. Соработката, како што велат, била органска и инспиративна, а резултатот е песна која, според Анета, ќе ги допре срцата на слушателите.
„Цврсто верувам дека ќе ја оправдам довербата на мојата верна публика. Оваа песна ми значи многу, вложивме срце, душа и професионализам“, додава Анета.

Видеоспотот, кој е сè уште во фаза на монтажа, е дело на реномираната и надалеку позната Арт Студио продукција во соработка со музичката телевизија Балкан Мјузик, кои стојат зад некои од највпечатливите визуелни проекти во регионот. Според тимот, спотот ќе понуди свеж визуелен израз, со акцент на природната убавина на Кавала и естетиката која ја следи музичката емоција.
Новата песна и спотот се очекуваат наскоро, а публиката веќе покажува голем интерес на социјалните мрежи. Љубителите на добрата музика со нетрпение очекуваат да видат и слушнат уште едно уметничко остварување од Анета Љумаковска – пејачка која постојано се развива, но никогаш не го заборава својот идентитет.
Текстот го подготви: ПР тимот на Балкан Мјузик ТВ