Сите што ги паметат старите добри времиња, го паметат и специфичниот народен звук кој се појави и стана многу популарен меѓу народните маси. Во далечната 1991 година во виорот на тој звук започнува и кариерата на Саит Идоли кој заедно со оркестарот “Уникати” го издава првиот албум насловен како “Џулијета” и тоа на српски јазик. Оттогаш па наваму со текот на времето Саит се опроба во многу музички жанрови, на многу јазици, екипите за свирка се менуваа, но најголем печат остави со групата “Идоли”под чиј псевдоним е познат и самиот тој. Со безмалку 30-годишно музичко искуство и созревање на естрадата, Саит Идоли создаде и самиот многубројни песни во кои успеа да го вметне и задржи посебниот мелос и стил карактеристичен за него и групата. Кога станува збор за семејните веселби , нивните ангажмани се насекаде низ нашата земја, но најмногу се барани во Дебар и околината каде тамошното население е познато по раскошните и весели прослави…
Деновиве во соработка со “Арт студио” – продукција, Саит Идоли сними нови студиски верзии на некои од своите големи хитови. Во истиот амбиент учествуваа дел од членовите на група “Идоли” и тоа Сајо Даминов (клавијатури), Михајло Попоски (ударни инструменти), како и познатите Ферус Мустафов и Џељо Дестановски како гости инструменталисти. Гледачите на BalkanMusicTv ќе имаат можност да уживаат во “Бекрија сум голем”, “Гордоста моја си сине ти” и “Се ме боли” за кои музиката и тектот ги напиша Душко Гаврилов, а аранжманот е на Сашко Велков…како и целосно неговите “Печалбарска” (Пусти пари проклети), “Убавка, убава жена си ти” и “Сите велат машала”. Истовремено во најава е и видео запис за баладата “Забранета љубов” кој Саит Идоли го изработи во соработка со екипата на “Арт студио”– продукција и чија промоција се очекува деновиве…
Во меѓувреме уживајте во еден голем хит – “Печалбарска”, песна популарна најмногу кај нашите иселеници…