Почетна > Македонија > “Фолк фест Валандово” одложен за наесен…

“Фолк фест Валандово” одложен за наесен…

///
Comments are Off

Тука се испеани најубавите наши фолк рефрени кои еве веќе 35 години се пеат со истата љубов и емоции…”Дајте ми ја” (Гоце Николовски), “Жал за Деспина” (Наум Петрески), “Сине мој” (Пепи Бафтировски), “Во црно вино утеха нема” (Перо Христов), “Лихнида” (Ефто Пупиновски), “Камен да беше срцето” (Виолета Томовска и Македонски мерак), “Едно срце имам” (Маријана и Росана) и некои повесели “Мајсторе, мајсторе” (Петранка Костадинова), “Дојди ми Лено” (Драган Мијалковски), “Кога љуби млада мома” (Сузана Спасовска), “Стариот џумбушлија” (Ана Бекута) и многу, многу други. Тука се родени безвременски хитови кои оставија траен белег во фолк музиката благодарејќи на нивните оргинални изведувачи, но и на помладите генерации кои со голема почит и радост ги прифатија во своите репертоари. На тој начин, песните што одбележаа нечија младост, вљубување, радост или пак некое разочарување, останаа и до ден денешен да живеат, да не се заборават…дури некои од нив доживеаја и некој вид втора популарност…

Како и сите други манифестации кои се одложени поради корона вирусот, така и популарниот “Фолк фест Валандово” сега за сега нема услови да се одржи месецов, во неговиот редовен термин. За тоа стигна и потврда од градоначалникот на општина Валандово, Перо Костадинов кој изјави дека се размислува за термин кон средина на есента. Иако веќе се познати сите овогодишни учесници и песните кои се доработуваат, останува да се види како ќе се одвива целата ситуација со пандемијата од која очигледно ќе зависи целиот тек на настаните…

Дека ништо не е како што било, не е…дека ништо во иднина нема да биде како што некогаш било, нема…ама што не било па и ова ќе помине – рекле постарите и помудрите. На нас ни останува преку нашата програма на фреквенцијата на BalkanMusicTv меѓу другите, да ви ги подариме и некои од големите хитови од “Фолк фест Валандово”. Уживајте до следното негово 35-то ново издание…