Тие се нашето музичко богатство, луѓето кои својата љубов кон традиционалната песна и игра секојдневно им ја всадуваат на своите ученици….оние чие срце подигрува и навечер кога спијат. На наше големо задоволство тие се активни и во овие тешки вонредни денови и затоа ни ја пружаат нивната музика како утеха. Затоа што секој вид музика ни е добредојдена сега, особено ако сте вљубеник во народните песни и ора. И пак ќе кажам, тие се нашето богатство…тие се професорите и учениците од Насоката за традиционална музика и игра при ДМБУЦ “Илија Николовски – Луј”…
Активни со секогаш нешто ново и интересно, сите заедно се трудат да го одржат континуитетот на работата, која требаше се повеќе да добива на динамика за на крајот да кулминира со завршниот годишен концерт. Од многуте видеа постирани од нивна страна, за тоа со каков талент располагаат сите ученици во оваа насока ви го претставуваме последното каде низ музика и игра се доживува познатото оро “Ситна Лиса” од подрачјето на Скопска Црна Гора. Кога ритамот на тапан ќе ти го даде проф. Роберт Ангеловски, а орото ќе го поведат лесните чекори и ведрата насмевка на проф. Благица Илиќ, тогаш орото може и од дома да се разигра и рашири. И тогаш гледајќи ги нив, кој знае нека повтори, а кој не знае нека научи…затоа што ретко кој може да одолее на македонската традиционална музика…
Некој сака зумба, некој сака фитнес, а некој душа дава за едно орце преплетено со зурла, тапан, кавал и тамбура. И затоа слушај, играј и потскокнувај за витка става и секогаш ведар дух и расположение!!!