Постојат песни што се слушаат… и постојат песни што се чувствуваат. Новата композиција „Летај, соколе“, која ја изведуваат Димче Ѓорѓиовски, попознат како Горд Македонец, и младата пејачка Стефанија, припаѓа токму на втората категорија – музичка приказна што зборува за копнежот, разделбата и љубовта кон родната земја.
Димче веќе четири години живее и работи во Словенија, а токму животот далеку од Македонија бил главната инспирација за создавањето на оваа песна.

„Песната е инспирирана од мојата животна приказна. Пред извесно време почувствував огромна носталгија кон Македонија. Во некои моменти таа беше навистина силна, а музиката ми помогна полесно да ја прифатам реалноста во која живееме ние како народ. Имам уште неколку слични песни кои, се надевам, ќе ги реализирам во иднина“, открива тој.
„Летај, соколе“ е дел од поширокиот проект „Горд Македонец“, кој Димче го започнал по турнејата низ Македонија во 2024 година. Тогаш, посетувајќи бројни рурални средини, ја добил идејата да создаде проект што ќе ги промовира убавините, традицијата, културата и вистинските вредности на Македонија.

Интересна е и приказната за соработката со Стефанија.
„Сосема случајно налетав на нејзино видео на социјалните мрежи. Нејзиниот талент веднаш ми го привлече вниманието и почнав да го промовирам во рамките на проектот „Горд Македонец“. Подоцна ѝ предложив да снимиме дует и, за моја голема радост, таа прифати. Во мај годинава влеговме во студиото на Јован Василевски во Тетово и ја снимивме песната“, раскажува Димче.
Текстот за „Летај, соколе“ е негово авторско дело, музиката е создадена со помош на вештачка интелигенција, додека аранжманот и снимањето се реализирани во студиото на Јован Василевски. Видео спотот е снимен во соработка со Дејан Горгиев од Арт Студио продукција и Балкан Мјузик телевизија.
Но, ова не е само уште една патриотска песна.
„Мотивацијата беше носталгијата и копнежот кон татковината. Верувам дека никој од нас, особено младите, не сака да живее далеку од Македонија. Но, многумина немаат друг избор. Системот нѐ принудува да заминеме. Песната зборува за човечката болка, неправдата, иселувањето и нераскинливата врска со родниот крај. Таа потсетува дека љубовта кон семејството и татковината никогаш не згаснува, без разлика каде се наоѓаме“, вели тој.

Во песната, соколот не е случајно избран како симбол. Тој ја претставува надежта, слободата и вечната желба еден ден сите повторно да се вратат таму каде што им се корените.
Љубовта кон музиката кај Димче постои уште од детството. Некогаш бил запишан во средното музичко училиште во Битола, но по само три месеци се префрлил во гимназија. Сепак, музиката никогаш не престанала да биде дел од неговиот живот.
Уште во 2019 година ја сними својата верзија на легендарната „Кога падна на Пирина“ од Васка Илиева, во соработка со Мими Марковски од „Гимел Студио“ во Битола, а самиот го реализирал и видео спотот.

Песни пишува уште од мали нозе и вели дека инспирацијата никогаш не му недостига. Во иднина би сакал да настапува и на музички фестивали, а особено желба му е да учествува на „Гоце Фест“, за кој веќе има подготвено авторска песна.
„Сега најважно ми е да видам како публиката ќе ја прифати „Летај, соколе“. Потоа ќе продолжам со нови проекти. Имам многу идеи за „Горд Македонец“. Повторно сакам да патувам низ Македонија и да ги промовирам местата што не се доволно познати, особено руралните средини. Не се важни само природните убавини, туку и луѓето, традицијата, културата и начинот на живот. Тоа е вистинската Македонија што заслужува да биде видена“, порачува Димче.

За соработката со Балкан Мјузик телевизија и Дејан Горгиев има само пофални зборови.
„Презадоволен сум. Дејан е одличен човек и врвен професионалец. Искрено се надевам дека ова е само почеток и дека ќе продолжиме да работиме заедно и на идните проекти“.
Младиот пејач во оваа прилика упатува голема благодарност до спонзорот без кој од сето ова не би имало ништо: Македонско катче и упатува голема благодарност до помагателите – Дом на култура Илинден – Демир Хисар, Академија “Еуроарт” и ФА “Јанко Глигоров” (Ветерани) Свети Николе, кои помогнале во реализацијата на целиот проект.
„Летај, соколе“ не е само нов музички проект. Таа е исповед на едно иселено срце, приказна што ќе ја препознаат илјадници Македонци ширум светот – сите оние што физички се далеку од дома, но секој ден живеат со мислите во местото каде што им останало срцето.
Тексгот го подготви: Иван Јосимовски



