Во магичниот амбиент на античкиот театар Хераклеја, пред околу 3.000 посетители, естрадниот уметник Борче Наумовски – Министерот ја одбележа својата голема животна и музичка пресвртница – 30 години успешна естрадна кариера.
Концертот беше внимателно осмислен како вистински спектакл во кој секој детал беше посветен на јубилејот и симболиката на бројот 30.„По подготовки повеќе од половина година, тука во Хераклеја го славам најголемиот роденден во мојата кариера – 30 години на естрадата. Вечерва сè е во знакот на бројот 30 – ќе испееме 30 песни, на сцената имаме 30 тапани, 30 играорци, а дури и на миксетата ќе бидат отворени точно 30 канали за музичарите. Особено ми е драго што вечерва со нас има околу 3.000 луѓе“, порача Наумовски пред публиката.

Низ концертната вечер публиката уживаше во неговите најголеми хитови, како и во премиерната изведба на новата песна „Битолските чупиња“, која за првпат одекна токму пред битолската публика. Наумовски најави и нов албум со наслов „Моја љубов, моја судбина“, именуван по неговиот најнов сингл и видеоспот.

Водителката Ирена Спироска потсети на богатата музичка биографија на славеникот, истакнувајќи дека кариерата ја започнал во 1997 година, зад себе има четири студиски албуми, музичкото образование го започнал уште како седумгодишно дете во Државното музичко училиште во Битола, а неговата прва касета била издадена во продукција на тогашната Македонска радио-телевизија. Со насмевка додаде дека Борче е „единствениот министер што никој не може да го разреши“. Посебна тежина на концертот му дадоа бројните музички гости – Татјана Стефановска, Даниела Темелковска, Марјан Коцев, Кате и Трајче Соната и Миле Кузмановски, кои со заедничките настапи ја збогатија атмосферата и му честитаа на својот колега за значајниот јубилеј.Иако е роден во Сиднеј, Австралија, Борче Наумовски уште еднаш ја потврди својата приврзаност кон Македонија и македонската традиција. На сцената настапија 30 играорци од КУД „Илинден“ и 30 тапанџии, чии настапи предизвикаа силни аплаузи и воодушевување кај присутните.

Музичката поддршка ја обезбеди големиот оркестар предводен од професор Кирил Стојчевски, долгогодишен соработник и пријател на Наумовски. Оркестарот, составен од 17 врвни музичари од различни музички секции – гудачи, дувачи, хармоники, гитари и придружни вокали – му даде посебна звучна димензија на концертот.

Финалето беше резервирано за песни посветени на Македонија, битолски серенади и неизбежната „Ако одам во Битола“, а Наумовски испеа и серенада во чест на битолската музичка легенда Боцкино, кого го нарече свој прв музички учител. Заокружувајќи ја вечерта исполнета со емоции, музика и традиција, небото над Хераклеја го осветли спектакуларен огномет, со што Битола доби уште една вечер која долго ќе остане запаметена како прослава на еден голем јубилеј и љубовта кон македонската песна. Концертот го снимаше Арт Студио продукција и Балкан Мјузик телевизија.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски
Фото: Арт Студио продукција



