Почетна > Македонија > Два дена без сон – Пехчево повторно ќе живее во ритамот на најголемиот фестивал на дувачки оркестри (Фото)

Два дена без сон – Пехчево повторно ќе живее во ритамот на најголемиот фестивал на дувачки оркестри (Фото)

///
Comments are Off

Има градови кои во јули се мирни и тивки. Но, Пехчево не е еден од нив. Токму спротивното – секоја година, во чест на Павловден, овој малешевски град се претвора во огромна музичка сцена каде што трубата, песната и добрата атмосфера се слушаат до раните утрински часови.

На 10 и 11 јули, Пехчево повторно ќе биде домаќин на традиционалниот Фестивал на дувачки оркестри, манифестација која одамна ги надмина локалните рамки и стана препознатлив музички настан што собира посетители од целата земја и регионот.

Фестивалската приказна започнува во петок, 10 јули, со настапот на Малешевска китка, по што следуваат Кверкус Бенд, Матеј, Бојана Ѓузелова, како и мајсторите на трубата Бојан и Богдан Ристиќ од Србија. Кулминацијата на првата фестивалска вечер е резервирана за еден од најпопуларните изведувачи на балканската сцена – Кеба, кој ќе приреди концерт исполнет со неговите најголеми хитови. А кога ќе помислите дека вечерта е завршена, сцената ќе ја преземат Brass Brothers, кои ќе ја продолжат забавата до зори.

Ниту втората фестивалска вечер нема да заостанува зад првата. Во сабота, 11 јули, по богатата детска програма, следува музички маратон што ќе започне со легендарниот состав Бело копче, ќе продолжи со настапот на една од најатрактивните регионални музички ѕвезди Теодора Џехверовиќ, а за финалето ќе се погрижи Ике Де Кока, кој ќе ја задржи енергијата на највисоко ниво до доцна во ноќта.

Фестивалот на дувачки оркестри во Пехчево одамна е повеќе од музички настан. Тој е традиција, препознатлив белег на Малешевијата и место каде што се среќаваат генерации љубители на добрата музика, дружењето и позитивната енергија.

Многу музика, врвни концерти, емоции, звукот на трубата, илјадници насмеани посетители и атмосфера што долго се памети – сето тоа повторно ќе го одбележи Пехчево на 10 и 11 јули, кога градот уште еднаш ќе живее и ќе дише во ритамот на фестивалот кој секоја година привлекува сè повеќе публика. Добрата забава е загарантирана, а Малешевијата повторно ќе биде местото каде што летото започнува со најсилниот музички ритам.

Текстот го подготви: Иван Јосимовски

Може да ви се допаѓа и
Дали Гоце Димовски се повлекува од музиката? Одлука што ја потресе македонската музичка јавност (Фото)
Давор Јордановски најавува модерно издание на Интернационалната вечер на „Охрид Фест 2026“: „Не ги копираме светските трендови“
Македонскиот виртуоз Јове Кекеновски дел од жирито на меѓународниот и престижен фестивал „Прва хармоника на Србија“ (Фото+Видео)
Љупчо Соколовски открива што ја очекува публиката на Фолк вечерта: „Фолк вечерта на „Охрид Фест“ носи внимателно избрана програма“