Познатиот македонски музичар Денис Шавлев, долгогодишен член на престижниот српски состав „Energy Bend“, го претставува почетокот на својата нова авторска ера со снимање на два сосема нови видеоспота. Станува збор за две свежи музички творби – авторски ора инспирирани од модерни ритми, ориентални елементи и препознатливиот виртуозен стил на Шавлев.
Двата видеоспота се снимени на импресивниот антички локалитет Баргала во Штип, каде што спојот на древната архитектура и современиот музички израз создава уникатна атмосфера. Со оваа двојна премиера, Денис Шавлев официјално го означува стартот на новото творечко поглавје, кое најавува уште посериозен и продлабок пристап кон неговата авторска музика.
Тој по повеќе од 17 години пауза од последниот албум, одлучи конечно да се врати со нешто големо и сосема свое.

„Како голема инспирација за создавање на музика прво ми беше мојот татко – Демо Шавлев. А последните години, инспирација и многу ме научи мојот шеф на оркестарот – Предраг Раимовиќ. Инспирацијата да почнам повторно да снимам ми дојде од тоа што уште од 2008 година немам објавено албум. Си реков – време е. Решив да создадам осум нови композиции. Четири ќе ги објавам до крајот на оваа 2025-та година (до Нова година), а уште четири веднаш по празниците“, ексклузивно споделува музичарот за Балкан Мјузик телевизија.
Во новиот авторски албум учествуваат врвни музичари од Турција, Бугарија и Србија, што му дава мултикултурен и богат балкански звук. За аранжманите е задолжен еден од најценетите продуценти на овој простор – Енчо Расимов, чиј препознатлив стил внесува свежина и силна емоција во секоја мелодиска линија.
Видео продукцијата, пак, е доверена на најдобрите – Арт Студио продукција, кои го доловуваат енергичниот дух и сценскиот карактер на Шавлев преку модерна визуелна естетика и динамика што соодветствува на неговиот препознатлив музички израз.

„Веќе 10 години сум дел од „Energy Bend“ како саксафонист и кларинетист, и тоа искуство многу ме обликуваше. Но, сега чувствувам дека е време да му се посветам и на мојот личен музички печат“, додава тој.
Со новите композиции, богатиот интернационален тим и долгогодишното искуство зад себе, Денис Шавлев најавува една од своите најзрели и најамбициозни музички фази. Публиката ќе има можност постепено да ги слушне неговите нови дела – прво во пресрет на празниците, а потоа и во првите месеци од Новата 2026-та година.
Останува само да се почека – но уште отсега е јасно дека се подготвува албум кој ќе остави силен белег во инструменталната музика на Балканот.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски






