Познатиот и млад македонски фолк пејач Игор Андреевски деновиве го претстави видеоспотот за својата најнова песна „Да сум сонце“, кој веќе е објавен на неговиот официјален YouTube канал. Станува збор за проект кој предизвика големо внимание во јавноста, како поради темата, така и поради визуелната изработка.
Новата песна на Андреевски претставува стара македонска тема, која долго време не била преработувана, а во себе носи длабока порака за зачувување на културното и духовното наследство. Во текстот се опеани црквите и манастирите што народот низ вековите ги градел со труд, посветеност и љубов, посакувајќи да го зачува христијанскиот дух и благодарноста кон Бога.
Видеоспотот пак, е реализиран од страна на екипата на Дејан Ѓоргиев и Арт Студио продукција, едни од најеминентните имиња во македонската видео-продукција, кои зад себе имаат голем број успешни проекти за врвни македонски музички уметници. Професионалната камера, внимателно избраните локации и уметничката обработка придонесуваат „Да сум сонце“ да добие силен визуелен печат.

Особено место во видеозаписот зазема планината Бистра, една од најживописните природни убавини во Македонија. Камерата пренесува впечатливи мотиви од нејзината традиција, архитектура и природни пејзажи, што создава автентична атмосфера и силно визуелно доживување. Андреевски истакнува дека, покрај силниот текст, токму мелодијата била таа што го привлекла да ја сними песната.
„Песната е пeвлива и навистина привлечна за човечкото уво. Има нешто што веднаш допира“, вели пејачот, кој е познат по својот топол вокал и автентичен фолк израз.
Со оглед дека следува празничен период, пејачот открива дека го очекуваат бројни настапи, особено на верските празници во струшкиот и кичевскиот регион, каде неговата музика традиционално е многу прифатена. Што се однесува до новогодишната ноќ, Андреевски открива дека преговорите се во тек, а конкретните датуми и локации ќе ги објави наскоро.
Андреевски јавно порача дека е отворен за соработка со композитори и автори. Тој прифаќа предлози и преаранжмани за песни што би одговарале на неговиот вокал и стил, бидејќи, како што истакнува, „композиторите со поголемо искуство најдобро знаат да препознаат што ќе прилега на нечиј глас“.

Со „Да сум сонце“, Игор Андреевски уште еднаш го потврди својот правец – фолк кој ја слави традицијата, духовноста и македонскиот музички идентитет.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски






