По четврт век постоење на македонската музичка сцена, момците од групата „Дрим тим“ со голема промоција го претставија својот нов проект „Дрим тим и пријателите“, кој во себе ја носи суштината на нивното 25-годишно музичко патување.
Настанот се одржа во присуство на бројни колеги, соработници, медиуми и пријатели, а атмосферата беше исполнета со емоции, сеќавања и гордост за сите заеднички изминати години.
Иако првично промоцијата била закажана порано, поради трагедијата во Кочани истата беше одложена. Во знак на почит кон починатите колеги и жртви, вечерта започна со едноминутен аплауз, симбол на солидарност и човечка блискост која ја негува групата низ целата своја кариера.
„Овој проект ни значи многу повеќе од само музика. Тој е дел од нашето срце и претставува заокружување на еден долг пат — 25 години музика, сцени, пријателства и љубов“, истакнаа членовите на „Дрим тим“.
Проектот „Дрим тим и пријателите“ е збогатен со соработки со некои од најголемите имиња на македонската естрада, меѓу кои се: Наум Петрески, Зуица Лазова, Ленче и Горан Кукуќ, Дац и Александар, Дани, Полина, Сузана Гавазова, Миле Кузмановски и Ѓоко Таневски. Секој од нив внел дел од својата препознатлива енергија, емоција и стил, создавајќи музичко издание полно со македонски дух и топлина.
„Им благодариме на сите кои беа дел од ова 25-годишно патување – на колегите, пријателите, публиката и медиумите. Вашата поддршка ни дава сила да продолжиме да создаваме музика што ја сакаме“, порачаа членовите на групата.
Проектот претставува речиси двочасовно музичко патување, во кое се испреплетуваат големите домашни фолк и поп хитови, изведени со нов аранжман и свежа продукција, но со задржан препознатлив македонски звук.
Со овој проект, „Дрим тим“ не само што го одбележуваат својот јубилеј, туку и го потсетуваат народот дека вистинската македонска песна живее преку искрената емоција и заедништво.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски






