Почетна > Ексклузивно > “Друштво весело” – нов видео запис на Семи Џонс Алушоски…

“Друштво весело” – нов видео запис на Семи Џонс Алушоски…

///
Comments are Off

Кога песната ќе ти се совпадне со позитивната енергија што ја носиш во себе, тогаш на публиката и се дарува хит за уживање, славење на животот и добро расположение. Се чини дека нашиот музички пријател Семи Џонс Алушоски, кој живее во далечна Австралија, сака и ужива кога работи на нови весели песни. Токму таква е и нумерата “Друштво весело” која едноставно доаѓа како “експлозија” на чувства после една долга пауза во светот на музиката.

И овој пат Семи реши да соработува со добра екипа во која се најдоа… Орце Зафировски (текст), Борче Димитров (музика), Љупчо Соколовски – студио “City Sound” (аранжман), а за видеото беше задолжен Andrew Miaoulis – “AM Productions” (Мелбурн, Австралија). Снимањето на вокалот Семи го направи во студиото на Chris Gatz – “GM Sound Studios” (Мелбурн, Австралија) што истовремено беше и локација за снимање на видео записот. За повесела атмосфера освен пријателите својата улога добро си ја завршија музичарите од бендот на Алекс Богдановиќ. А Семи како секогаш задоволен и отворен за кратка изјава по повод новата песна…”Многу ми се допадна стилот на песната и без големо размислување веднаш ја прифатив. Се надевам и верувам дека оваа песна ќе постигне добар успех затоа што е наменета за секоја веселба, свадба или едноставно за дружење во кафеаната. Многу сум задоволен од тимот што работеше на овој проект, особено од Орце Зафировски кој успеа со својот текст да ме пронајде и отслика мене и мојот живот. Мислам дека во вистинско време сите коцки совршено се поклопија и песната излезе токму таква како што сите очекувавме. Истовремено сакам да се заблагодарам и на BalkanMusicTv чии гледачи ќе имаат можност да ја слушнат “Друштво весело” и да уживаат во неа во сите пригоди и празници кои следат. Поради пандемијата која го зафати целиот свет, немав можност да допатувам во Македонија и комплетно и во живо да ја промовирам мојата предходна песна “Роденден”. Искрено се надевам дека во скоро време ќе имам можност да го остварам овој свој план, па да дојдам и во вашето студио да отпеам дел од моите песни за поблиску да ме запознае нашиот македонски народ. А преку вашата телевизија и целата публика на сите страни од светот”.

За сите свои обожаватели, Семи Џонс Алушоски најавува уште една нова песна со наслов “Брате мој” која има намера да ја промовира подоцна откако убаво “ќе легне” кај публиката овој нов весел музички хит.