Саноќ пеам, саноќ пијам.
Вино леам, солзи кријам.
Солзи кријам, срце стегам.
Но, од љубов не се бега!
….се зборови од безвременската “А од љубов не се бега”…тука се и “Ако не исчезнам”, “Признавам”, “Има една судбина”, “Венера”, “Око мое”, “Верувај ми”, “Свири ми брате цигане” како и музиката за серијата “Трст виа Скопје”, сите излезени од срцето и пишани од раката на познатиот композитор, музичар и професор Тоде Новачевски кој денес почина и замина во легендите на македонската музика. И покрај тешката борба во последните две години со опаката болест рак на бели дробови, Тоде живееше со љубовта кон најблиските кои му ги подарија најубавите радости за еден родител. Во бракот со Маријана имаа две деца. Новачевски до неодамна беше активен на социјалните мрежи каде во една пригода напиша „Од љубовта, од вистината и од својата судбина не избегал никој, драги мои. Не избегав ни јас. Ако со некоја моја песна, музика или било каква мала добрина сум ве израдувал малку, еве ми го најубавиот момент, да сум најсреќен и најспокоен човек на светот. Само заради тоа.“
Тоде Новачевски е роден во Битола 1956 година. Во екот на најголемата популарност на дуетот Маријана и Росана, за кого ги напиша и најголемите хитови, заминува заедно со својата сопруга Маријана за Австралија. Таму останува да живее и работи до ден денешен иако во едно јавноста има изјавено дека сето тоа не било дел од неговите планови. Таму ги доживува и преживува неговите најголеми подеми и падови за кои отворено проговори во некои од пишаните медиуми. Бројни пријатели, соработници и блиски од семејството во текот на денот преку социјалните мрежи испишаа проштални пораки исполнети со голема тага и болка за својот и нашиот Тоде Новачевски…