Денес по кратко боледување не напушти нашиот голем музички пријател Димитар Димитров – Градевец…непосреден, со ведар дух и расположение, секогаш спремен за разговор и музички дружења. Специфичниот прекар го добил по родното место, живописното село Градево што се простира на патот кон Банско. Говорејќи за себе не ја пропушташе можноста да ја спомене мудроста која ја стекнал од својот дедо, но и од самиот живот и музикалноста која ја наследил од својата прерано почината баба.
Со музика се занимаваше 30-на години и во неговиот репертоар можеа да се слушнат многу изворни, староградски и новокомпонирани песни. Сепак најмногу милуваше да пее фолклорни нумери и се радуваше кога ќе избереше стара подзаборавена народна песна, па со друг аранжман ќе и дадеше нов живот. Во 90-те години настапуваше во Македонија по нашите локали и кафеани и оттука потекнуваат неговите познанства и пријателства со Наум Петрески, Милан Завков, Милан Кацарски, Благица Павловска, Пепи Бафтировски, Војо Стојаноски и многу други. Често настапуваше во Скопје, по градовите во Источна Македонија, а на лето патот секогаш го водеше накај Струга и кон неговиот голем пријател и по музика и по душа Наум Петрески.
Беше среќен дека кај младите повторно се враќа љубовта за народните танци и песни и интересот за фолклорното друштво “Пирин”. Запрашан со кои зборови би ја опишал љубовта кон македонската песна, тој со насмевка велеше…”Македонската музика го знае најкраткиот пат до срцето на човекот”….
Гледачите на BalkanMusicTv имаа можност Димитар Димитров – Градевец поблиску да го запознаат во првото издание на нашата популарна шоу емисија “7/8” чија покана за музичко дружење тој веднаш без двоумење ја прифати.
Почивај во мир наш пријателе!!!