Почетна > Македонија > ГРУПА “МЕРАКЛИИ” ВО ОЖИВУВАЊЕ НА МАКЕДОНСКАТА ТРАДИЦИОНАЛНА МУЗИКА

ГРУПА “МЕРАКЛИИ” ВО ОЖИВУВАЊЕ НА МАКЕДОНСКАТА ТРАДИЦИОНАЛНА МУЗИКА

Силна тага, жал, копнеж за напуштениот дом, родно место, татковина. Копнеж по минатото, по неповратното. Со еден збор, ова е опис за носталгија. А кога се работи за носталгијата и копнежот по татковината ние имаме вистински пример како тоа позитивно може да влијае, кога ќе се направи микс од носталгија и љубов, крајниот резултат да е добра музика. Овојпат крајниот резултат е етно преработка на староградска и добро позната песна “Се собрале Комитите”. 

За ова оживување на традиционалната народна музика да допре до нас се погрижија светските, а наши, момците од група “Mераклии”. Носталгични и далеку од нашата земја, успеаа да се покажат како врвни професионалци и да ја искажат својата љубов и почит кон Македонија и нејзината традиција.

Спотот е снимен на неколку локации во Македонија и Швајцарија, за чиј што изглед како на филм, со посебни детали кој што во нас ќе разбудат патриотизам и љубов, се погрижи “Арт студио” продукција. Во него се вклучени многу статисти, меѓу кои и “Битолската коњаница” и неколку играорни групи.

-Самото тоа што не живееме во Македонија доста ни ја отежнува работата, но не не спречува да твориме за неа, во моментот ова ни е приоритет и со нетрпение го очекуваме крајниот резултат- изјавија тие за Балкан Мјузик Тв.

Овој состав од Ане Миров, Ѓорѓи Спасов, Ѓорѓи Божинов и Оливер Младеновски, кои што се вистински Мераклии нема да ве остави тука. Во тек се кавер верзии на староградски песни, како и авторски песни со Сузана Гавазова и Благоја Грујовски.

 

Енергијата им е на високо ниво, а надежта дека ова што го работат ќе допре до секој македонец, уште поголема. 

За крај ни најавија и припреми на нови авторски песни кои што треба да се најдат на нивниот албум.