Со серија нови студиски снимања, култниот македонски бенд „Биоритам“ официјално ја завршува 2025-та година и ќе ја започне Новата 2026-та – година посветена на одбележување на 30 години постоење и континуирана музичка активност. Причината за снимањата е двојна – медиумско претставување на бендот, но и официјално претставување на новиот член и вокален солист, Александар Мисковски – Терца, кој во наредниот период ќе настапува со „Биоритам“.
Снимањето се одвиваше во Балкан Мјузик телевизија, а соработката воопшто не е случајна. Како што истакнуваат самите членови на бендот, станува збор за телевизија и продукција во која имаат целосна доверба, а дополнителна улога во одлуката одиграло и долгогодишното пријателство со сопственикот Дејан Горгиев, што уште повеќе ја зацврстува оваа креативна соработка.

Изборот на репертоарот е резултат на заедничка одлука на сите членови на бендот, иако, како што со доза на искреност признава најстариот член Никола Јованов – Коки, неговото искуство можеби имало најголемо влијание во процесот. Снимениот материјал опфаќа песни од авторскиот опус на „Биоритам“ низ годините, како и сплет од ора и чочек ритми кои бендот редовно ги изведува на семејни и свечени настани. Овие снимања претставуваат симболичен почеток на јубилејната година, но и вовед во низа нови проекти. Во текот на наредните месеци се планираат уште многу нови нумери, преку кои „Биоритам“ ќе направи музичко патување наназад – низ сопствената историја, звук и препознатлив стил.
Круна на одбележувањето на јубилејот треба да биде голем концерт „30 години БИОРИТАМ“, кој, доколку условите дозволат, е планиран за октомври 2026-та година.
Што се однесува до предновогодишните настапи, од бендот појаснуваат дека „Биоритам“ ретко настапува во комплетен состав во овој период. Дополнително, поради моменталната транзиција без постојан пејач и веќе претходно договорените обврски на Александар Мисковски – Терца, бендот како целина нема да настапува на предновогодишни настани.

Во моментов, актуелниот состав на бендот „Биоритам“ е составен од следните членови:
- Никола Јованов – кларинет и саксофон
- Ангел Митовски – хармоника и клавијатури
- Игор Христов – клавијатури
- Сашко Костовски – удирачки инструменти
- Диме Танцев – труба
- Александар Мисковски – Терца – вокал
Со нова енергија, освежен вокал и силна почит кон сопственото музичко наследство, бендот „Биоритам“ влегува во јубилејната година подготвен да ја раскаже својата приказна – уште еднаш, но со истата страст што трае веќе три децении.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски






