Почетна > Ексклузивно > Татијана Стефановска со нов музички хит “Горчлив шеќеру”…

Татијана Стефановска со нов музички хит “Горчлив шеќеру”…

///
Comments are Off

Секој музички изведувач има внатрешно чувство кое му кажува кога е вистинското време за нов хит кој што треба да ја расположи и задоволи публиката. А таа веќе подолго време е желна да се вратиме во истиот ритам кој ни ги исполнуваше сите среќни моменти од животот, но и оние наши приватни мигови кога слушаме музика како лек за опуштање. И затоа, сакаме музика, слушаме музика и бараме музиката повторно да ни го исполни секојдневието.

Со едно такво чувство ни доаѓа и нашата позната фолк пејачка Татијана Стефановска која на своите обожаватели денес им го подари својот нов музички хит насловен како “Горчлив шеќеру”. Интересен наслов исто како и мелосот во кој се проткајува една чалгиско-ориентална нишка која секогаш освојува. Љубовта и копнежот кон саканиот пак останува неисцрпна инспирација за секој текстописец и изведувач. Тимот со кој Татијана работеше е Катерина Солаковска (текст) и Златко Миладиноски (музика/аранжман) и се чини по првото слушање дека тие одлично “ја погодиле” нејзината желба и темперамент…”Песната се снимаше уште во септември, но заради ситуацијата со короната чекавме погоден момент да ја објавиме. Сега се надеваме и дека ќе почнеме да работиме, па еве како за почеток едно доста добро склопено музичко освежување. Нешто многу поразлично од се што сум снимила претходно”…ни се пофали Татијана во краткиот разговор.

Обожавателите и ние ќе бидеме едногласни дека на Татијана Стефановска секогаш и прилега веселиот ритам кој одамна има посебно место кај сите оние што ги слушаат нејзините песни и ја следат нејзината кариера. Во дел од многубројните нејзини хитови, имаат прилика да уживаат и гледачите на BalkanMusicTv.