Наздрави за љубов
наздрави за среќа
наздрави за секој ден,
животот е еден
и тој не е вреден
ако не го живееш…
Ова се зборови излезени дирекно од срцето…ова се зборови кои треба да си ги запееме секогаш кога се собираме и празнуваме…ова се зборови во кои е кажано се. И слободно можеме да ги прогласиме за “химна на животот” како мотив за сите препреки, неволји и искушенија со кои еве и деновиве се среќаваме. Да, животот за момент ни се смени на сите, но никогаш не треба да ја изгубиме вербата дека повторно “ќе не огрее сонцето”…
А еден од оние кои никогаш не ја губат вербата за ништо во животот е и нашиот познат фолк пејач, кантавтор и мултиинструменталист Јордан Митев. Својот мир и духовна рамнотежа тој ги пронајде во своето родно село Подареш, место кое секогаш му дава нова сила и е извор на неговата животна енергија. И самиот тој ни призна дека во овие ограничени денови за движење или т.н. карантин, селото е некако најдобрата дестинација…и ќе додаде: ”Покрај сите мерки за претпазливост и затегнатата ситуација таквите мали места оддалечени од големите градови и набиеност некако даваат повеќе простор за слобода. Оваа ситуација секако од една страна ми смета бидејќи не сум научен да бидам на едно место, но од друга страна и те како ми требаше подолг одмор и пауза од целиот досегашен турболентен живот. Така да јас имав потреба од ваков задолжителен одмор.
Не работам ништо конкретно во овој период, се е стопирано и ставено на пауза. Сепак мислам дека ќе треба да почекаме да се врати нормалниот живот кај луѓето, да почнат повторно да живеат, да планираат, да се надеваат, да работат, па дури тогаш и ние вистински да работиме и да ги забавуваме, што всушност е и нашата професија. Во моментов сме во една неизвесна ситуација која кај сите нас не ни остава јасен видик за следниот период, следните месеци, па дури и година”…
Јордан Митев е едно разбранувано море кое постојано ни исфрлаше музички хитови на брегот, но морето сега е мирно….можеби до следниот наплив на емоции кои повторно ќе го разбрануваат и ќе ни донесат нови впечатливи зборови и звуци. Затоа што чувствителните луѓе не можат да мируваат, не можат да не го извадат сето она што тлее длабоко во нив…не можат да не создааваат!!!
Уживајте на фреквенцијата на BalkanMusicTv во многубројните хитови на нашиот Јордан Митев и не заборавајте – ”идат добри денови”…