Почетна > Македонија > “СЕДИ ДОМА” – заедно со Анита Даева…

“СЕДИ ДОМА” – заедно со Анита Даева…

///
Comments are Off

Може ли да се нанижат поубави зборови од оној што ги ниже најубаво…може ли да се отвори срцето повеќе од оној што секојпат своето ти го дарува на дланките…може ли да се кренат рацете повисоко од оној што има секогаш високо кренати раце…и на крајот, може ли некој да ја запознае нашата Анита Даева, а да не ја засака истиот миг…

И токму таа, во овие изминати денови успеа да ја скроти својата огромна енергија и секојдневно со топли зборови ги бодри сите свои пријатели преку социјалните мрежи. И не само тоа, со невообичаената смисла за хумор постојано шири позитива околу себе… и тогаш не потсетува дека земјата ја вртат луѓето со силна верба и љубов кон секого. Секогаш желна за “муабет”, смеа и “без влакно на јазикот”, ја сместивме од другата страна на разговорите што таа ги води со своите гости во популарното музичко шоу “7/8”. И тогаш, зборовите и потекоа во недоглед:

-“Се можам да надополнам , да импрoвизирам од ” нормалниот” живот но не и снимањата, емисиите. Ми недостига тој ангажман , силниот адреналин додека се организираат и траат студиските работи, не многу, ПРЕНАЈМНОГУ. Ми фалат сите , оркестарот, тимот од BalkanMusicTv, пеачите, онаа преубава атмосфера, смеење, музика, проби, песни додека работиме. Глуво ми е без нашите
“7/8”…


Целото ова паузирање на вообичаениот живот ме прави тажна. Првенствено поради бројките кои секојдневно ги слушаме и гласно сите посакуваме да се намалуваат. Ова е живот за живот. Но заради доброто на човештвото мора да се живее вака .Јас бев постојано во движење 24/7 и оваа лер ситуација ми го ремети дишењето . Издржливо е да, како рекле што се мора не е тешко., или барем да се направи да биде полесно.На почетокот од оваa новонастаната ситуација не се поместував од пред ТВ следејќи ги сите можни вести наши , од балканските и светските медиуми. Максимално сум дисциплинирана, излегувам 3 пати неделно по храна и тоа е моето движење. Ако ептен ме фати сафра со колата еден круг низ скопските булевари и право дома. Моето најдолго отсуство во овој месец траеше 40 минути, заради регистрација на возилото. Скопје не сум го напуштила од 9 март.
Деновите ми поминуваат релативно брзо, со минимални професионални обврски но за жена по дома секогаш има работа. Секојдневно завршувам некои административни работи кои се поврзани со школата за ракомет ” Кирил Лазаров 7 ” преку КМГ СПОРТ Агенција каде сум вработена. Станувам со години рано така што денот ми е поприлично долг. Во кујната поминувам доста време затоа што се грижам за тројца мажи и освен редовните оброци правам колачиња, благца, месам, сукам, уживам во тоа. Перам, пеглам, гланцам ламинат, нон стоп само нешто чистам, средувам. Пет пати неделно по 1 час правам кардио вежби и додека тоа трае за побрзо да ми помине времето си пуштам редовно од емисиите, ги научив репликите на сите мои гости. Добро е што живеам во куќа па дворот е незаменливо место во оваа вонредна ситуација. Овие триесетина дена таму сум колку можам повеќе .Пресадувам цвеќиња , чепкам нешто околу куќата и така успеав дури и боја да фатам.. Среќна сум во сета агонија што со семејството сме заедно, сите на купче . Ќе помине и ова , посакувам што побрзо и што побезболно”…

И тоа не е се….Анита наоѓа време и многу успешно се занимава и со пишување текстови за песни. Многу од нашите познати музички изведувачи се закитиле со нејзините зборови. Тоа е нешто што просто самото излегува од неа, нешто што совршено се вклопува со нејзиниот темперамент…

Сите ние искрено посакуваме да ни се врати што поскоро на ТВ екраните со нови музички гости во нови пријатни “муабети”. А дотогаш следете ги репризните изданија на шоуто “7/8” секоја недела (19:30) на фреквенцијата на BalkanMusicTv….