Денес по кратко боледување во Белград почина познатиот српски фолк пејач Маринко Роквиќ. Неодамна во јавноста се појавија информации дека тој е хоспитализиран и дека неговото здравје е во критична состојба. Пејачот веќе со месеци беше во тешка состојба поради бактериска инфекција и иако не се предаваше, на крај за жал го совлада болеста.
Маринко својата кариера ја започна во 1974 година и до сега имаше снимено 21 албум и неколку сингл плочи. На својата верна публика и ги остави големите хитови…”Скитница”, “Сваџалице моја мала”, “Потражичу очи зеленије”, “Поломио ветар гране”, “Да волим другу не могу” (продадена во тираж од 600 000 примероци), “Љубав стара срце пара”, “Пусти ме да је видим”, “Једина моја” и многу, многу други. Со концертот во белградски “Сава центар” во 2015-та година ја одбележа својата 40 – годишна музичка кариера. Во 2019 година ја доби Естрадно – музичката награда на Србија за животно дело која ја доделува Сојузот на естрадно – музички уметници на Србија. Негови музички наследници се синовите Никола и Марко кои се популарни пејачи на српската поп – фолк музика…
Маринко Роквиќ ( 27 јануари 1954 год. – 6 ноември 2021 год.)