Тие се добредојдени каде и да појдат…тие имаат пријатели на сите четири страни од светот…тие имаат армија обожаватели кои со полно срце ја слушаат и уживаат во нивната музика…тие се Анета и група “Молика”. Со живот “на тркала” и нескротлив ритам кој постојано те тера преку музиката да им ја даруваш радоста на луѓето, тие стигнаа до секое место со “абер” пред се за македонската песна…онаа со посебна тежина во себе како на Васка, Петранка, Виолета или пак Виданка. Гласот на наша Анета никого не остава рамнодушен, ја поткрева кожата, ја разбранува душата и секаде, ама баш секаде ги остава сите со подотворена уста и мисла – “боже, зар песната има таква моќ”….И има, кога ќе ти ја подари оној кој се родил со таков “ксмет” кој ги отвора сите порти, каде твоите верни обожаватели секогаш те чекаат со истата радост…
По паузата предизвикана од пандемијата која го зафати целиот свет, групата “Молика” повторно се наоѓа на голема музичка турнеја во далечна Австралија. За тоа колку се посетени нивните концерти и каква е тамошната атмосфера, говорат сликите и видеата кои тие постојано ги постираат на социјалните мрежи. А таму, бројните обожаватели на не само македонската песна, ги дочекаа ведри и расположени за вечерни музички уживања кои секогаш освен со добрата песна, одат заедно и со доброто расположение. Исто како порано, и оваа турнеја ги опфати сите поголеми австралиски градови каде живее бројно македонско население…бројно ама и бучно, кога треба да се запее на својот мајчин јазик. Но не само наша, Анета и групата “Молика” веќе одамна стекнаа бројна публика и пошироко на Балканските простори, па затоа сите се добредојдени на нивните настапи. За тоа најмногу се заслужни самите членови на групата и нивната “ѕвезда водилка” Анета, кои со текот на годините се потрудија да го прошират и надградат својот музички репертоар, за да може секое срце да затрепери од секоја музичка желба.
Колку срца – толку песни…мирно небо на враќање за нашите музички пријатели Анета и групата “Молика”!!!