Кларинет – еден од највиртуозните инструменти…
Човекот што свири на нив – вистински виртуоз…
И оној кој секогаш ни ја дава кулминацијата на една весела песна или разиграно оро користејќи ги своите магични прсти. А под нивниот “нежен” стисок излегуваат звуци кои заведуваат, маѓепсуваат или просто фасцинираат…
Познатиот кларинист на групата “Оскар” (Битола), Горан Проја Димовски ја започна оваа година со голема желба, да му се оствари сонот за неговото солистичко првенче. И на голем пат е да го доживее сето тоа затоа што како мотив ја има силната поддршка од семејството и големата помош од колегите музичари….она останатото веќе со години “тлее” во него. Пред извесно време како вовед или најава на сето она што на музички план ќе се доосмислува и сработува, тој на своите пријатели и обожаватели им ја претстави карантинската снимка од орото “Марица”…по потекло од Пиринскиот дел на Македонија и едно од најбараните ора на една македонска свадба, како и во Нишкиот и Пироќанскиот дел кај нашите соседи во Р. Србија. Останатите ценети другари и врвни инструменталисти кои зедоа учество во истата се Борче Тасевски, Александар Грујовски (колега од групата “Оскар”), Игор Милевски, Демир Кантуровски, Ален Рамчевски, Бени Манев и Дарко Аврамоски, секако со помош на Мендо Ташкоски, сопственик на “MT – music studio” од Прилеп. Ова музичко парче најубаво го опишуваат гордите зборови на сопругата на Горан, Јулијана инаку сродна душа по музика…”Ноти кои започнаа со преслушување, па напорна и посветена работа на изведување, па собирање на екипа, парче за кое долго дискутиравме, го преслушувавме, го усовршувавме и парче кое дефинитивно го одбележа нашиот карантин…мене и на Калин ќе ни недостига овој звук низ дома…а ти, ако ти замислиш и ќе се оствари”…
И навистина почна да се остварува, еве сега со орото “Марица” и потоа според планот треба да следуваат уште 9 разиграни ора од повеќе краеви на нашата земја, вечна неисцрпна инспирација. Истите Горан ќе ги отсвири некои на кларинет, некои на саксофон, се разбира повторно во придружба на многу гости музичари и пријатели. Во меѓувреме и самиот соработуваше и карантински музицираше кај своите почитувани колеги Благојче Стојановски – Туше (“Аман мори Маре”) и Пеце Петровски заедно со “Оркестар Круна” од Ниш (“Волим да те волим”) што уште повеќе ја потврди тезата дека музиката не познава граници и секогаш поврзува…
“Музиката и кларинетот никогаш не би ги напуштил, бидејќи тоа не би бил јас, а човек без душа и срце не би живеел”…зборови на Горан Проја Димовски кои точно ја отсликуваат неговата личност, неговото јас и неговото СЕ…