Секој талент поврзан со владеењето на повеќе инструменти мораме да признаеме дека е за поздравување, особено ако се во прашање македонските традиционални инструменти. Ова е особено значајно за зачувување на нашите корени и продолжување на патот на нашите предци кои успеале со текот на годините да создадат и остават трага која не смееме да дозволиме да избледи.
Александар Ицов е еден од оние музичари кои ја имаат оваа дарба и мисија во музиката. Успешно владее со неколку инструменти…гајда, зурла, тамбура, кавал и хармоника. Досега има создадено пет свои композиции токму на хармоника и веќе работи на тоа да ја заокружи својата креативност со својот прв солистички албум. Истиот ќе содржи осум композиции, на две од нив ќе има и гости, а како автор на повеќето аранжмани се јавува и познатиот маестро на хармоника Сашко Велков. Моменталната полабава ситуација во однос на настапите и ангажманите по веселби како член на оркестарот “Корона”, Александар го користи токму за себе и својата работа.
Дел од својата умешност и владеење со инструментите Александар ја покажа и во нашето популарно музичко шоу “7/8” кое гледачите ќе имаат можност да го видат во четврток во 20 часот. Во меѓувреме, со нетрпение ќе го очекуваме и ќе се радуваме на секој нов музички проект што ќе се понуди на нашата македонска сцена…вклучително и првиот албум на Александар Ицов кој ќе понуди композиции со изворни инструменти и хармоника.