Младиот и веќе препознатлив македонски музичар и саксофонист Тео Стоилковски го направи својот прв голем авторски чекор со снимањето на видео записот на својот прв чочек насловен „Чочек Машала“, композиција со која најавува нова, современа насока во интерпретацијата на традиционалниот ритам.
На само 25 години, Стоилковски се осмелува да ја спои традицијата со модерниот звук, создавајќи чочек кој зрачи со енергија, динамика и јасен авторски идентитет. Инспирацијата, како што вели тој, произлегува од длабоката љубов кон музиката и желбата да создаде нешто целосно свое – композиција што ќе ја привлече публиката и ќе ја долови убавината на формата, но низ современ пристап.

За аудио обработката на „Чочек Машала“ беше задолжен Филип Нуне, чија посветена работа придонесе композицијата да звучи чисто, современо и динамично. Финалниот печат го даде Горан Гешовски, кој со прецизен mix & master овозможи секој инструмент јасно да дојде до израз.
Дополнителна длабочина и колорит на звукот му дава хармониката на Роберт Јосимовски, со што композицијата добива уште побогата текстура. Тимската работа, според Стоилковски, била на исклучително професионално ниво и резултирала со усогласен и квалитетен финален производ.
Видео записот, реализиран од најдобрите – Арт Студио продукција под раководство на Дејан Ѓоргиев, е снимен во студиски услови, со јасен фокус на музиката и енергијата што ја носи чочекот. Наместо класична наративна приказна, видеото ја става атмосферата и ритамот во преден план.

Во видеото се појавуваат и негови колеги-музичари: Кристијан Милошевски, кој го доловува пулсот на чочекот преку тарабука, како и Христијан Дејаноски, кој визуелно и музички ја надополнува целината. Нивниот придонес, според авторот, е клучен за финалната енергија што ја носи видеото.
„Чочек Машала“ е првиот целосно самостоен проект на Тео Стоилковски. Иако зад себе има повеќе соработки како придружен музичар со изведувачи од македонската музичка сцена, ова дело претставува јасна авторска изјава и почеток на ново поглавје во неговата кариера.

Самоук музичар кој свири од најрана возраст, Стоилковски постојано учи, експериментира и ја развива својата техника. По оваа промоција, тој најавува нови проекти и настапи, со амбиција во следните години да оствари соработки не само во Македонија, туку и надвор од неа.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски
Фото: Балкан Мјузик телевизија






