Почетна > Македонија > Солзи, овации и љубов: Пеѓа Јовановиќ го освои Скопје

Солзи, овации и љубов: Пеѓа Јовановиќ го освои Скопје

///
Comments are Off

Тоа што требаше да биде уште една вечер на музика и емоции, започна како сцена од филм. Лажна дојава за бомба во спортскиот центар „Јане Сандански“ го одложи почетокот на долгоочекуваниот концерт на српската музичка ѕвезда Пеѓа Јовановиќ. Но, она што следеше по евакуацијата беше победа на музиката, љубовта и заедништвото.

Додека публиката се собираше и новинарите ги добиваа своите акредитации, тревожната вест брзо се прошири: постои сомнеж за поставена експлозивна направа во салата. Полицијата веднаш реагираше, а присутните беа евакуирани во рекордно време. На дожд и во неизвесност, обожавателите чекаа речиси 40 минути за потврда – станувало збор за лажна дојава. Концертот, сепак, продолжи.

Без многу зборови и без помпезна најава, Пеѓа Јовановиќ излезе на сцената со својот Биг Бенд и ја отвори вечерта со емотивната „Волим те и пијан“. Сцената беше минималистички елегантна, осветлена во топли тонови, а атмосферата потсетуваше повеќе на камерна концертна сала отколку на спортски центар. Јовановиќ ги водеше присутните низ репертоар исполнет со неговите најголеми хитови: „И ко зна што је то добро“, „Љубав, ја и ти“, „Мила“, „Парфем од ваниле“, „Све љубави моје“, како и новата балада „Немогуча љубав“, која ја изведе соло, но со толкава емоција што салата за момент замолкна, трогната до солзи.

Еден од најемотивните моменти на вечерта беше кога Пеѓа ја зеде хармониката и седна на столче, изведувајќи микс од песни кои го формирале како уметник – вклучувајќи и македонски класици како „Ако умрам ил загинам“ и „Македонско девојче“. Публиката реагираше со овации, пеејќи во еден глас. Беше тоа знак на почит, љубов и длабока поврзаност меѓу изведувачот и неговите фанови.

По концертот, Пеѓа накратко изјави за нашата телевизија изјави:

„Навистина беше сјајно. Ова ми е прв голем концерт во Македонија и сум пресреќен. Публиката беше неверојатна, атмосферата неповторлива. Се враќам – наскоро“, рече тој со насмевка.

Скопје не доби само концерт. Добивме приказна. Приказна која ќе се раскажува – за вечер кога стравот не победи, кога љубовта и музиката беа погласни од сè. А сите што беа таму – беа сведоци на тоа.